Фото: Маја Јаневска-Илиева

Начинот како го одигравме второто полувреме ми дава надеж дека сме на добар пат и дека можеме многу повеќе, вели македонскиот селектор Тодоров, по поразот дома од Естонија со 72-81, во квалификациите за кошаркарското ЕП 2021. Црвено-жолтите утре гостуваат кај Русија во второто коло

Македонската машка кошаркарска репрезентација, по малку неочекувано со пораз со 72-81 (18-20, 5-20, 23-15, 26-21) од Естонија во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Чешка, Грузија, Италија и во Германија. Многуте промашени удари и грешки, неуиграноста, пресликани во катастрофалното прво полувреме (негатива од 22 поени), како и изненадувачки полетната игра на гостите предводени од бекот Кристијан Куламае (20), кој беше нерешлива енигма со 31 поен, беа главните причини за поразот на подмладената репрезентација на Македонија. Кај македонските кошаркари, најпрецизен беше капитенот Војдан Стојановски со 26 поени, а Ненад Димитријевиќ и Шејн Витингтон реализираа по 15.

– Првпат по подолго време игравме пред полна сала, но тоа не го искористивме. Само поради начинот на кој ја одигравме втората четвртина и ја загубивме со 20 разлика, не заслуживме да победиме. Дозволивме да влеземе во брз ритам, кој противникот го наметна, а знаевме дека тоа не требаше да им го дозволиме. Начинот како го одигравме второто полувреме, пак, ми дава надеж дека сме на добар пат и дека можеме многу повеќе. Сигурен сум дека ќе ја победиме Естонија во Талин со 10 и повеќе поени. Имаме осум месеци за надградување и сигурен сум дека не е сѐ решено околу патниците на ЕП – вели новиот селектор на македонската репрезентација Александар Тодоров.

Од групата на ЕП 2021 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, плус Италија, која е еден од четирите домаќини на ЕП.
За избраниците на Тодоров нема многу одмор, оти утре (16 часот) во Перм ги чека нов тежок предизвик, Русија, која како и црвено-жолтите загуби на гости од подмладената Италија со 64-83 во првиот меч од групата Б. Поради повреда, во Перм не отпатува бекот Ненад Димитријевиќ од шпанскиот Хувентуд, па него ќе го замени кошаркарот на Работнички, Виктор Ефремовски (21).

Русија, која од 1993 година е постојан учесник на ЕП, а во 2007 година го освои и златото, исто така се соочува со проблеми околу составот. Селекторот Сергеј Базаревич не може да смета на најдобрите, односно оние што со своите клубови настапуваат во Евролигата, а има и повредени играчи, па во составот има доста млади играчи. Се очекува најголемата опасност за македонскиот состав да доаѓа од поентерот Дмитри Кулагин (25), бекот Григори Мотовилов (22), крилниот центар Павел Антипов (28), центарот Владимир Ивлев (29), а уште е неизвесен настапот на Андреј Зубков (26) од Зенит, кој во четвртокот имаше меч во Евролигата.

Од групата Б, Македонија на ЕП играла само со Русија. Првиот пат пред 11 години, кога минимално загуби (69-71), потоа на ЕП 2011 во Литванија, загуби со 61-63 во втората групна фаза, а во мечот за бронзениот медал со 68-72.
Во првото коло најголемото изненадување го направи Унгарија, која на свој терен го победи актуелниот европски првак Словенија со 77-75.