КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП

Направивме солидни подготовки во изминатите пет дена и задоволен сум. Во Перм имаме уште два дена, што е малку, меѓутоа повеќе во однос на другите репрезентации, особено од нашата група од кои еден дел се собира подоцна. Она од што најмногу стравувавме, двата теста за ковид-19 поминаа во најдобар ред. Сите играчи беа негативни. Во Русија одиме во комплетен состав, освен Марко Симоновски, кој дојде повреден на подготовките, вели Александар Тодоров, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, по завршените мини-подготовки во Скопје и настапот на третиот и решавачки квалификациски турнир (од 18 до 22 февруари), во рускиот град Перм, за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, во Италија, Грузија, Германија и во Чешка.
Македонија во Перм ја очекуваат дури четири дуели за пет дена. Првиот дуел со Италија е в четврток, в петок следува мечот со Русија, а по слободниот ден, повторно дуел со Италија. На 22 февруари е средбата со Естонија.

– Дефинитивно тоа е проблем, но така решила ФИБА и ние треба да го исполниме тоа. Тешко е, особено што веќе имав можност да играм со мојот клуб еден таков „балон“. Но во услови на клуб, дури можеш и малку да тактизираш, да одмориш некого, ова е сепак репрезентација. Сакале или не, мора на секој натпревар да го дадеме максимумот – појаснува селекторот Тодоров.
На табелата во групата Б води Италија, со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два (два меча) бода. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации.

Македонија за Перм отпатува вчера, комплетна со 15 кошаркари: Дамјан Робев, Андреј Митревски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Виктор Ефремовски, Филип Бакоч, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Лука Савиќевиќ, Ненад Димитријевиќ, Стојан Ѓуроски. Стручен штаб: Александар Тодоров (селектор), Ѓорѓи Кочов, Горан Самарџиев, Никола Велев, Никола Василев (асистенти-тренери), Ерен Хангун (кондициски тренер), Слободан Николиќ (доктор), Ненад Попоски (физиотерапевт).