КОШАРКА

Судиите во кошаркарската НБА-лига ќе бидат вакцинирани против ковид-19 за претстојната сезона. НБА-лигата објави дека постигнала договор со Националната кошаркарска судиска асоцијација по ова прашање. Договорот со судиите беше обелоденет еден ден откако НБА-лигата им соопшти на своите тимови дека секој што е во непосредна близина, односно дефиниран во повеќето случаи како околу 4,5 метри од играчите и од судиите, исто така, ќе треба да се вакцинира.
Тоа меѓу другите се однесува за тренерите, помошниот персонал што патува со тимовите, придружен персонал во соблекувалните и оние што работат на официјалната записничка маса во НБА-арените.

Од играчите не се бара да бидат целосно вакцинирани, иако многумина беа минатата сезона, откако НБА-лигата ги охрабри да го сторат тоа, со тоа што се согласија да олабават некои здравствени и безбедносни протоколи, како што беа вклучувајќи и помалку задолжителни тестови на ковид-19, без барање за карантин поради проблеми со контактите и повеќе слобода при патувањето.

Сите што имаат документирана причина да не се вакцинираат може да побараат изземање. Без тоа изземање, секој невакциниран судија нема да има право да суди на НБА-натпреварите, соопшти НБА-лигата на својата интернет-страница.