Ненад Димитријевиќ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од натурализираните странци, изборот мораше да падне на Џејкоб Вајли, оти Шејн Витингтон е во Јапонија, каде што има задолжителен карантин за сите што се враќаат од Европа, вели Тодоров

СЕЛЕКТОРОТ ТОДОРОВ ГО ОБЈАВИ ПОШИРОКИОТ СПИСОК НА КОШАРКАРСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ

Беше исклучително тешко да се состави списокот, особено што не знаеме каква ќе биде ситуацијата по задолжителните тестирања. Затоа се договоривме да одиме со што е можно повеќе имиња од домашното првенство, за во случај да не можеме да собереме доволен број играчи за непречен тренажен процес. На овој список ги нема оние играчи што поради повреди ќе мораат да го прескокнат овој прозорец, како и дел од помладите играчи што настапуваат во странство. Едни поради немање дозвола да допатуваат од своите екипи, а други поради неможноста за брза замена во случај на позитивни случаи. Од натурализираните странски играчи, изборот мораше да падне на Џејкоб Вајли, оти Шејн Витингтон е во Јапонија, каде што има задолжителен карантин за сите што се враќаат од Европа, изјави за интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), селекторот на македонската репрезентација Александар Тодоров по објавувањето на поширокиот список со 24 кошаркари за квалификацискиот турнир (28-30 ноември) во Талин, против селекциите на Италија и на Естонија.

За разлика од првите квалификациски дуели, во т.н. балон во Талин ќе ги нема играчите на МЗТ Скопје, Андреј Маслинко и Бојан Крстевски, кои се повредени, а Вајли ќе дебитира во националниот дрес. Според планираните активности, следува задолжителното ПЦР-тестирање од ковид-19, а на 20 ноември и првиот репрезентативен тренинг.
– Денеска ќе ги направиме првите тестови, а со тренинзи ќе почнеме на 20 ноември, поточно откако ќе се вратат и по тестирањето на играчите што настапуваат во балонот на Втората јадранска лига – дополни Тодоров. 


СОСТАВ

Филип Бакоч, Андреј Магдевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Адем Мекиќ (сите од МЗТ Скопје), Виктор Ефремовски, Љубомир Младеновски, Кирил Николовски, Марјан Младеновиќ (сите од Работнички), Андреј Андоноски, Леонид Тодоровски, Лука Савиќевиќ (сите од МЗТ Скопје УБ), Бобан Стајиќ, Бојан Трајковски, Јетмир Зекири (сите од Пелистер), Ренато Димитриевски (Гостивар), Никола Караколев (Еуро Никел), Андреј Митревски (ТФТ), Дамјан Робев (Куманово), Марко Симоновски (Кожув), Ненад Димитријевиќ (Хувентуд, Шпанија), Стојан Ѓуроски (ХЛА Аликанте, Шпанија), Џејкоб Вајли (Гран Канарија, Шпанија), Војдан Стојановски (Гравелин, Данкерк-Франција).