Македонската кошарка доби свој дом, кој ќе биде на располагање 24 часа во денот, 365 дена во годината, и се очекува големата сала да биде пред сѐ наменета за најмладите категории, но ќе можат да ја користат и клубовите

Ова е голем ден за македонската кошарка, добивме своја сала, која ќе ни биде на располагање 24 часа во денот, 365 дена во годината. Во програмата пред да бидеме избрани истакнавме дека акцентот ќе биде на обезбедување услови за младите генерации кошаркари. Презадоволен сум, голема благодарност до сите одговорни лица што ни излегоа во пресрет, изјави претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, по објавувањето дека Федерацијата од вчера и официјално ја доби на трајно користење големата сала во СРЦ „Кале“.

СРЦ „Кале“ најмногу е познат по тоа што во него најмногу се играше ракомет, со години го користеа македонската машка и женска репрезентација, потоа РК Вардар, а токму во „Кале“ женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров во 2002 година стана европски шампион. Големата сала се очекува да биде пред сѐ наменета за најмладите категории кошаркари, но ќе можат да ја користат и клубовите.

– Спортските објекти да им ги дадеме на располагање на спортските колективи е една од клучните работи на Владата во спортот. Особено ми е драго што овој процес почнува токму со КФСМ. Најдовме начин да решиме едно прашање каде што сите се задоволни. СРЦ „Кале“ е во добра состојба, па веднаш може да се користи – рече Даниел Димевски, советник за спорт во македонската влада.

Сега останува и другите спортови во Македонија да тргнат по патот на кошарката.