Фото: Игор Бансколиев

Сметам дека како селектор тоа е вистинскиот пат за иднината на македонската кошарка, во која може да се смета на добри резултати. Без разлика во кој состав ќе настапиме, против Шпанија ќе играме до последната капка пот, а силен отпор ќе им дадеме и на другите селекции, вели Бајиќ

КОШАРКА – ДРАГАН БАЈИЌ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА

Македонската машка репрезентација во ноември ги почнува квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во кошарка во 2023 година, а е во групата Г со селекциите на Шпанија, Украина и на Грузија.
– Со големо внимание ги следам сите потенцијални репрезентативни кандидати за претстојните два дуела во квалификациите за СП. Она што можам да го предочам е дека ме радува играта на интернационалците Џејкоб Вајли, Ненад Димитријевиќ, на Андреј Магдевски по повредата, но и на играчите во домашното првенство, што не беше така во минатиот период. Многу домашни кошаркари веќе прикажуваат добри игри во почетокот на сезоната и, секако, се во конкуренција за влез во репрезентацијата. Сето ова дава и реална надеж дека сега колку-толку репрезентацијата ќе биде покомплетна отколку во минатиот циклус – вели македонскиот селектор Драган Бајиќ.
Прв противник во квалификациите за СП 2023 е актуелниот светски првак Шпанија, меч што треба да се одигра на 26 ноември во Скопје, ако во меѓувреме не се донесе одлука да се игра во т.н. балон (како во квалификациите за Европското првенство годинава), во зависност од ситуацијата со ковид-19. Во ноември е и дуелот со Украина (на 29 ноември, на гости). Во следната фаза од квалификациите ќе се пласираат по три селекции од секоја од осумте групи.

– Поширокиот список со 24 кошаркари го испратив до Федерацијата. Во периодот што следува сигурно ќе имаме повеќе информации околу тоа кои играчи се здрави и ќе можат да дојдат, кои не и слично. Но едно е сигурно, со секој нареден циклус ќе ја подмладувам репрезентацијата, а тоа значи дека ќе им давам шанса на помладите кошаркари. Сметам дека, како селектор, тоа е вистинскиот пат за иднината на македонската кошарка во која може да се смета на добри резултати. Собирот на репрезентацијата е закажан за 21 ноември, ќе имаме само пет-шест дена заеднички подготовки до дуелот со фаворизираната Шпанија. Мислам дека нема да имаме можност за пријателски средби, иако тие добро би дошле. Тоа е многу краток период и мене како селектор ќе ми треба и тоа малку време да го искористам за уигрување и за подготвување тактика, оти ќе има многу нови имиња во репрезентацијата – рече Бајиќ.
Оптимизмот е присутен кај македонскиот селектор.
– Не би се занимавал со оваа професија, ако не сум оптимист. Пак ќе повторам, треба повеќе да им се даде шанса на младите играчи, што сигурно ќе претставува и влог кога станува збор за иднината на македонската кошарка. Но без разлика во кој состав ќе настапиме, против Шпанија на теренот ќе играме до последната капка пот, а силен отпор ќе им дадеме и на другите селекции – ни изјави Бајиќ, кој наедно е и тренер на Игокеа.