Луис Скола петти пат игра на СП

Аргентинецот стигна до 611 поени на светските кошаркарски првенства, а води Бразилецот Оскар Шмит со 906 поени

По второто коло во групите А, Б, Ц и Д на Светското првенство (СП) во кошарка во Кина, шест репрезентации, Полска, Аргентина, Русија, Шпанија, Србија и Италија, се пласираа во втората групна фаза, откако забележаа победи во воведните два меча. Полска и Шпанија во новата група ќе почнат со по една победа, оти ги совладаа ривалите што се кандидати да им се приклучат во следната фаза. Во некомплетните групи Е, Ф, Г и Х (мечевите се играa вчерa), понатаму одат Чешка, Нов Зеланд, Доминиканска Република и Австралија.

Од групата А, покрај Полјаците, во следната фаза ќе се пласира и победникот од дуелот Кина – Венецуела, а Шпанците во групата Ц ќе го чекаат исходот од дуелот Порторико – Тунис. Тоа се натпреварите во кои влогот е опстанок во настојувањето за највисок пласман. Мечевите денеска, Аргентина – Русија (група Б) и Србија – Италија (Д), ќе бидат за прво место во групата и за подобра позиција во втората фаза.

Легендарниот аргентински кошаркар Луис Скола (39), за кого ова е петто светско првенство, на вториот натпревар против Нигерија (94-81), впиша нови 23 поени, кои беа доволни да се искачи на второто место на вечната листа на стрелци во историјата на светските првенства со 611 коша, поминувајќи го Австралиецот Ендрју Гејз, кој сега е трет.

Скола е некогашен кошаркар на НБА-тимовите Хјустон, Феникс, Индијана, Торонто и Бруклин. Со репрезентацијата на Аргентина, меѓу другите медали, освои злато на Летните олимписки игри во 2004 година и сребро на Светското првенство во 2006 година.

На листата стрелци на светските првенства прв и понатаму е бразилскиот центар Оскар Шмит (четири настапи на планетарните првенства) со засега уверливи 906 мундијалски поени. На четвртата позиција на оваа листа е Дражен Далипагиќ со 563 поени, на петтата е Хозе Рафаел Ортиз со 511 коша итн. 


НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ НА СП
КОШАРКАР МЕЧЕВИ ПОЕНИ
Оскар Шмит 34 906
Луис Скола 35 611
Ендрју Гејз 29 594
Дражен Далипагиќ 36 563
Рафаел Ортиз 33 511
Драган Киќановиќ 26 491
Пау Гасол 24 482
Панајотис Јанакис 26 469
Хуан К. Наваро 33 462
Кирк Пени 27 447