Џеј Ар Смит

Несфатливата грешка на Џеј Ар Смит во одлучувачките моменти од првиот меч од НБА-финалето помеѓу Голден стеј вориорс и Кливленд кавалирс стана предмет на потсмев во светската кошаркарска јавност.

Бекот на Кливленд ја имаше топката на 4,5 секунди до крајот на регуларниот дел од натпреварот, откако забележа офанзивен скок по промашеното слободно фрлање на Џорџ Хил при резултат 107-107, но изненадувачки дриблаше додека не истече времето, наместо да шутира на кош, или да додаде на некој од соиграчите. Непромислениот потег на Смит скапо го чинеше Кливленд кој беше поразен со 114-124 по продолжението.

Грешката на искусниот кошаркар го разлути Леброн Џејмс, кој забележа 51 поен, а голем број на НБА-ѕвезди и љубители на кошарката ја коментираа на Твитер.

„Дали мислеше дека водат“, „Дали се шегува“, „Не. Дали е сериозен“, се прашуваа Дирк Новицки, Енес Кантер и Брендон Џенинс.

Леброн Џејмс беше изненаден од потегот на Смит

Медиумите пренесуваат дека, наводно, го забележале Смит како му вели на Џејмс, оти мислел дека водат, а во прилог на тврдењето оди и изјавата на тренерот Тајрон Лу по мечот, кој исто така, кажа оти Смит мислел дека имаат предност. Но, се чини дека виновникот ја смени приказната по дуелот.

– Се обидував да дојдам до позиција да упатам удар. Знаев дека резултатот е нерешен. Мислев дека ќе викнеме тајмаут. Доколку мислев дека водиме, ќе ја задржев топката, за да ме фаулираат – се правдаше Смит пред новинарите.

Следниот дуел од финалната серија се игра в понеделник, во 2 часот наутро.