Словенецот Лука Дончиќ е меѓу оние кошаркари што остварија најголем напредок сезонава и ќе конкурира токму за таа награда

Познати се финалистите во НБА-лигата (по тројца во секоја категорија) што ќе конкурираат за секоја од шесте категории, што традиционално се доделуваат на крајот од регуларниот дел на сезоната, иако годинашнава беше испрекината и едвај продолжена поради пандемијата на коронавирусот. Најдобриот тренер, МВП на лигата, најдобриот шести играч, најдобриот дефанзивец, дебитант на годината и кошаркарот што најмногу напредувал, се оние што ќе ги добијат предвидените признанија.

За најважното признание во НБА, најкорисен играч (МВП), во игра се Јанис Адетокунбо, Џејмс Харден и Леброн Џејмс. Адетокунбо е во комбинација и за најдобар дефанзивец во лигата, а ривали му се центрите Руди Гобер и Ентони Дејвис, но затоа, пак, го нема двојниот носител на ова признание Каваји Ленард (Л.А. Клиперс).
Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ, кој повторно имаше одлична сезона во редовите на Далас, ќе конкурира за наградата играч што најмногу напредувал, а конкуренти во финалето му се Бам Адебајо (Мајами) и Брендом Инграм (Њу Орлеанс).

Наградата за најдобар дебитант ќе ја добие Џа Морант (Мемфис), Зион Вилијамсон (Њу Орлеанс) или, пак, Кендрик Нун (Мајами). За најдобар шести играч, односно кошаркар што не е стартер, но ја одбележал сезоната, конкурираат Монтрезл Херел, Лу Вилијамс (и двајцата од Л.А. Клиперс) и Денис Шрудер (Оклахома).
И на крајот за тренер на годината ќе се борат Мајк Буденхолзер (Милвоки), Били Донован (Оклахома) и Ник Нурс (Торонто). Предвидените признанија ќе бидат доделени врз основа на мечевите одиграни од почетокот на сезоната па до 11 март годинава, а ќе бидат доделени во текот на плејофот од тековната сезона.