Бројни спортски ѕвезди и јавни личности на социјалните мрежи оддаваат почит и се збогуваат со еден од најдобрите кошаркари на сите времиња Коби Брајант (41), кој го загуби животот во хеликоптерска несреќа во Калифорнија.

„Не знам ниту откаде да почнам. Почнав да играм кошарка поради Коби, откако го гледав НБА-финалето во 2010 година. Претходно никогаш немав гледано кошарка и тоа финале ми беше пресвртница во животот. Сакав да бидам како Коби. Навистина сум тажен. Почивај во мир легендо“ – гласи објавата на ѕвездата на Филаделфија севентисикерс, Џоел Ембид.

„Уште не можам да поверувам“ напиша прославениот спринтер Усеин Болт, покрај фотографијата на која е заедно со Коби Брајант.

„Веќе ни недостигаш Коби“ се вели во пораката на прославениот НФЛ-играч Том Брејди.

„Ова не е реално“ напиша на Твитер поранешниот кошаркар на Бостон селтикс, Пол Пирс.

Ѕвездата на Далас маверикс Лука Дончиќ, исто така изрази жалење поради смртта на Коби на Твитер. „Не, те молам. Ова не може да е вистина“ напиша младиот бек, за потоа да објави заедничка фотографија со ќерката на Коби Брајант, Џиана, која исто така загина во хеликоптерската несреќа.

Коби беше легенда на теренот и само што почна во нешто што ќе беше значаен втор чин. Загубата на Џиана е уште повеќе срцепарателна за нас како родители. Мишел и јас испраќаме љубов и молитви кон Ванеса (сопругата на Коби Брајант – н.з.) и кон целото семејство Брајант на овој незамислив ден – напиша поранешниот американски претседател Барак Обама.

„Навистина сум шокирана од ова што го слушнав за Коби Брајант. Неверојатен спортист, искрено љубезен и прекрасен човек. Испраќам љубов, молитви и сочувство кон неговото семејство. До целото НБА-семејство исто така“ истакна оскаровката Рис Витерспун.