КОШАРКА – ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022

Рускиот селектор Сергеј Базаревич го објави поширокиот список со 27 кошаркари на кои ќе смета за третиот и последен квалификациски турнир во групата Б, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Италија, Чешка, Грузија и во Германија. Турнирот треба да се игра од 18 до 22 февруари, во т.н. „балон“ во Перм. Базаревич впиша и две нови имиња, бекот на Нижни Новгород, Артем Комолов (27 год., 194 см), и крилото на шпански Ираурги, Павел Савков (18 год., 200 см).
Во ноември беа одложени средбите Италија – Македонија и Естонија – Македонија, поради позитивни случаи на ковид-19, па на турнирот во февруари Македонија за пет дена ќе треба да одигра четири средби. Пред третиот турнир, на табелата води Италија со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два бода (два меча). Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации.