Мислам дека ќе мора да одиграме комплетно добар натпревар, но одлично во одбраната за да ја запреме нивната брза игра, која се базира на многу пикенрол и драјвенкик, кои резултираат со многу отворени шутеви од надвор линијата за три поени, вели Емил Рајковиќ, македонскиот тренер, за тоа што ќе биде решавачко за позитивен резултат против Естонија во Скопје (натпреварот се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ од 20.15 ч.), во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година.

За тоа дали може Македонија со подмладен состав да се пласира на ЕП и со тоа да се врати на старите успешни патеки, Рајковиќ го изнесе својот став.

– Мислам дека составот мораше да се подмлади и тоа е логично. Не треба да им се става некаков притисок дека нешто мора и треба да им се даде голема поддршка од трибините и во медиумите, а ако се пласираат на ЕП, тоа ќе биде голем успех за сите нас – вели Рајковиќ, тренер на Астана и актуелен селектор на репрезентацијата на Казахстан.

За тоа како влијае на преостанатите репрезентации во групата во вакви квалификации да игра и селекција што веќе е пласирана како домаќин (Италија), Рајковиќ смета дека тоа е можеби позитивно и олеснителна околност. Г.И.