Во рамките на четвртфиналето од кошаркарскиот Куп на Македонија, денес во Гевгелија екипата на Работнички лесно го победи противникот Куманово со 104:80 (54:38), со што Работнички продолжува во полуфиналето, додека кумановчани завршуваат со учеството во ова натпреварување.

Кошаркарите на Куманово слично како и на последниот натпревар од првото коло од плејофот, така и денеска во четвртфиналето од Купот, што од денеска па до недела се игра во Гевгелија, загубија од во моментот поквалитетната екипа на Работнички.

Натпреварот меѓу двете екипи наликуваше многу на нивниот претходен меѓусебен дуел, кога исходот беше многу сличен. Кошаркарите на Работнички уште во првата четвртина остварија висока резултатска предност од нмад 15 поени разлика (31:16), а во продолжението со умешна и рутинска игра го контролираа натпреварот и заслужено остварија пласман во полуфиналето.

Најефикасни кошаркари на натпреварот во победничката екипата на Работнички беа Бојан Крстевски со 24 поени и Бобан Стајиќ со 20, додека пак во екипата на Куманово се истакнаа Игор Пенов со 17 и Филип Думиќ со 13 постигнати поени.

По поразот и завршувањето на настапите во Купот, на екипата на Куманово сега и преостануваат само настапите во Супер лигата, каде и престојуваат тешки натпревари. Т.Д.