КОШАРКА

Најсилната кошаркарска лига во светот НБА испрати до клубовите свој план и програма за враќање на гледачите во спортските сали, со почетокот на новата натпреварувачка сезона. Но за да се оствари ова, предвидени се мошне строги протоколи и критериуми.
Така, на пример, гледачите што ќе сакаат да присуствуваат на натпреварите ќе мора два дена пред натпреварот да покажат негативен тест на ковид-19. Има и таква опција тие да се тестираат и на самиот ден на натпреварот. Понатаму, сите на трибините ќе мора да носат заштитни маски, освен децата до двегодишна возраст. На трибините ќе има и физичко дистанцирање, и покрај негативниот тест на коронавирусот, а при влегувањето во салата ќе им биде мерена телесната температура на гледачите. Клубовите имаат и опција зад клупата каде што седат кошаркарите да изградат заштитна бариера од стакло за одвојување од трибините.
Новата сезона во НБА е предвидено да почне на 22 декември, а секој тим треба да одигра 72 натпревари. Преговорите со слободните кошаркари ќе биде дозволено да почнат на 20 ноември. НБА-драфтот, пак, за 2020 година, според ЕСПН, ќе се одржи на 18 ноември.