Почнува и кошаркарското првенство на Македонија

По две одложувања поради актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот, конечно со натпреварот Вардар – Црн Дрим денеска (17 ч.) и официјално ќе почне новата сезона во Првата лига за мажи во кошарка, притоа, секако почитувајќи ги посебните мерки за превенција и за заштита од ковид-19 што ги донесе Владата, а се однесуваат за целокупниот спорт во Македонија.
– Во сегашнава ситуација кога бројот на заразени од ковид-19 рапидно расте, никој не може да биде оптимист или, пак, да биде целосно сигурен како ќе се одвива првенството до крајот, не само во кошарката туку и во другите спортови кај нас. Клубовите мора да ги почитуваат донесените мерки од Владата против ковид-19 на секој натпревар. Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) е подготвена пред новиот предизвик и будно ќе ја следи ситуацијата од коло во коло, оти најважно од сѐ ни е здравјето на кошаркарите, а потоа сѐ друго – вели генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски.

Георгиевски рече дека КФМ го прави она што е во нејзина моќ што повеќе да им го олесни настапот на прволигашите во претстојното првенство.
– КФМ стори што можеше во таа насока, па долговите на клубовите им ги одложи, помогна финансиски во набавката на т.н. брзи тестови за играчите со минимални трошоци за клубовите, потоа додели бесплатни баскети да играат во своите сали и слично. Засега, планот ни е првенството да се игра во ритамот сабота-среда-сабота, во првите пет кола, односно до собирот на репрезентацијата пред ноемврискиот квалификациски циклус за ЕП, а потоа ќе видиме. Сѐ ќе зависи од актуелната здравствена ситуација. Евентуалните проблеми ќе ги решаваме во од – изјави Георгиевски.
Двојки, 1. коло, денеска: Вардар – Црн Дрим (17 ч.), Кожув – Пелистер (17.30 ч.), ТФТ – Куманово (18 ч.), Академија ФМП – Гостивар (18 ч.). Утре: МЗТ Скопје Уни Банка – Еуро Никел (16 ч.), Работнички – МЗТ Скопје Аеродром (18 ч.).