Часовникот што го пресметува времето за напад ќе се „враќа“ на 14 секунди во неколку случаи, неспортските прекршоци добиваат нов третман, првпат има тренер роден во Европа, дозволени се патики во повеќе бои…

Со синоќешните мечеви Голден стејт – Оклахома и Бостон – Филаделфија почна 73-та сезона во кошаркарската НБА-лига. Титулата ја брани Голден стејт, чии кошаркари на премиерниот меч ги добија шампионските прстени, третпат последниве четири сезони. На „воините“ им се даваат најголеми шанси за нова титула.
Една од најголемите ѕвезди во Лигата, Леброн Џејмс, го напушти Кливленд и во новата сезона ќе настапува за Лос Анџелес лејкерс. Неговиот поранешен колега од Мајами, Двејн Вејд, ќе ја игра последната, 16-та сезона во НБА, а Џејмс Харден, Крис Пол и Кармело Ентони ќе се обидат со Хјустон да се искачат на врвот. Милвоки се сели во нова сала, а од 30-те тима, осум ќе почнат со нови тренери. Српскиот стручњак Игор Кокошков е првиот тренер роден во Европа што ќе предводи тим од НБА (Феникс). Во новата сезона во најсилната лига на светот ќе игра и Словенецот Лука Дончиќ (МВП на сезоната во Евролигата, по триумфот со Реал на фајналфорот во Белград во мај), за Далас.

Во новата НБА-сезона ќе се применуваат и нови три правила. Часовникот што го пресметува времето за напад (трае 24 секунди) ќе се „враќа“ на 14 секунди во три случаи: по офанзивен скок, по прекршок направен од тимот што се брани по неуспешниот шут или промашено слободно фрлање или кога тимот што е во напад повторно има посед на топка по исфрлањето во аут. Има измена и во врска со третманот на неспортскиот прекршок. Во НБА досега често се случуваше намерно направен прекршок на средината на теренот да се оквалификува како обичен, исто како и прекршокот од зад грб при чиста ситуација за постигнување кош. Сега тоа се менува и се суди неспортски прекршок. Судиите ќе имаат обврска да ја погледнат снимката од евентуален инцидент за да се утврдат „неспортски испади“ и, доколку постои такво нешто, да се им се одредат соодветни казни на играчите и на тренерите што се конфронтирале со судиите или со навивачите.

НБА во новата сезона на кошаркарите ќе им дозволи да носат патики во повеќе различни бои. Во минатото важеше правилото 51 отсто да биде црна или бела боја, со минимални додатоци на клупските бои. Потоа тоа се прошири со дозвола патиките, покрај стандардните бела и црна, да бидат „зачинети“ и со клупските бои. Сега се отиде подалеку и ќе има многу поголемо шаренило на боите на патиките.