Тал Броди смета дека Македонија и Израел имаат многу сличности / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија има многу сличности со Израел и може да верува во успех во кошарката, кој би можел да послужи за нејзина афирмација, смета легендарниот капитен на Макаби Тел Авив кој стана европски клупски првак во 1977 година, Тал Броди. Тој ја посети Македонија за да ја сподели неговата инспиративна приказна

Потребна е само една искра за и Македонија да се најде на мапата и да биде позната низ Европа и светот, вели Тал Броди (75), легендарниот израелски кошаркар кој ја сподели неговата инспиративна приказна во текот на посетата на Македонија, на покана од израелскиот амбасадор во државава Дан Оријан. Прославениот бек ја пропушти можноста да игра во НБА-лигата (беше 12-ти пик на драфтот во 1965 година) за да се пресели од САД во Израел во 1966 година, каде што, потоа, како капитен го предводеше Макаби Тел Авив до првиот трофеј за клубот во Купот на европските шампиони, во 1977 година, по историските победи над фаворизираните ЦСКА Москва и Варезе, со што го доби прекарот „господин кошарка“. Триумфот на Макаби се смета за еден од најзначајните спортски успеси на Израел до денес, на кој е посветен документарниот филм „На мапата“, што ќе се прикаже утре во Кинотеката на Македонија (20 часот), во рамките на Неделата на современ израелски филм.

– Првпат сум во Македонија, но не и на Балканот, кој всушност го познавам многу добро, поради Црвена звезда, Цибона и другите клубови со кои игравме. Се сеќавам на Светското првенство во 1970 година, на југословенскиот тим со Крешимир Ќосиќ, на маршалот Јосип Броз Тито кој дојде да ги гледа натпреварите, но и на играњето во Белград потоа, во „Пионир“ каде што го победивме Варезе. Тоа беше многу голем настан за нас во Израел. Попат моравме да ја совладаме и ЦСКА Москва, која тогаш го претставуваше Советскиот Сојуз – се сеќава Броди, кој моментно е амбасадор на добра волја на Израел.

Неговата изјава по триумфот против ЦСКА Москва од 91-79, на патот до европскиот трофеј, кога кажа „ние сме на мапата и остануваме на мапата, не само во спортот, туку во сѐ“, претставуваше силна порака која стана своевиден национален слоган на Израел, подоцна користен во реклами и во политички кампањи.

– Пред да дојдам тука, разгледував разни мапи на Интернет, барајќи ја Македонија, но нејзиното име не го пишуваше секаде. Во 1977 година, многу места во Европа го прикажуваа и пишуваа Блискиот Исток, но не и Израел. Тоа ме потсети на мечот против ЦСКА Москва, кога реков дека сме на мапата и остануваме на мапата, не само во спортот, туку во сѐ. Тоа е слично на чувството кое го имам денеска кога сум во Македонија – посочи легендарниот кошаркар.

Победата над ЦСКА Москва во 1977 година е особено впечатлива поради тогашната политичка ситуација, во која СССР одбиваше да го признае Израел, поради што не го дозволуваше играњето на дуелите со Макаби Тел Авив. Како компромисно решение беше одлучено да се одигра еден меч на неутрален терен во белгиски Виртон.

– Имаше големо значење да се настапи за Израел против СССР, кој седум години одбиваше да игра против нас, бидејќи не сакаше да загуби образ како воен советник на армиите околу нас. Се среќавам со Сергеј Белов на олстар-викендите во НБА, каде што сме гости од Европа. Тој ми кажа дека тие отишле кај властите, прашувајќи ги како можат да се плашат да играат против Израел, кога СССР претходно ги победиле САД на Летните олимписки игри. Тие ја убедиле владата да се игра натпреварот, но таа згрешила бирајќи ја најмалата сала што можела да ја пронајде, во Виртон, каде што има голема еврејска заедница. Од 500 гледачи, 498 беа од Израел, а двајца КГБ-агенти беа единствените навивачи на ЦСКА. Како можевме да изгубиме – низ смеа кажува Броди.

Освојувањето на трофејот во Купот на европските шампиони по триумфот над италијански Варезе од 78-77 во финалето во Белград, претставуваше значаен успех за Израел, кој ѝ даде надеж на нацијата во тешките времиња по арапско-израелската војна во 1973 година.

– Работите можат да се сменат во еден момент, со еден успех, кој го смени целосното расположение на една нација. Морате да знаете дека загубивме 2.600 војници, а помеѓу три и четири илјади беа повредени во војната во 1973 година. Земјата беше во жалост до 1977 година, бидејќи сите познаваат луѓе што загубиле некој во конфликтот. А поради една кошаркарска победа, сите излегоа на улиците, славеа како да е ден на независноста. Тоа им даде надеж на луѓето, бидејќи сфатија дека ако може да се постигне успех во кошарка, зошто да не може и во медицината, во технологијата, во уметноста и во други области – истакна Броди.

Тал Броди (десно) со трофејот во Купот на европските шампиони во 1977 година

Тој смета дека Македонија може да се надева на кошаркарски успех, земајќи ја предвид традицијата на овој спорт на просторот на поранешна СФР Југославија.

– Ако денес ги погледнете најдобрите играчи во НБА, 25 отсто од нив доаѓаат надвор од САД, додека 60 отсто од сите странци се од Балканот. Го имате Лука Дончиќ кој со 19 години е еден од најдобрите играчи во НБА, сметајќи ја првата сезона. Хрватска и Србија се меѓу најдобрите кошаркарски нации, а Македонија има потенцијал да биде на тоа ниво. Го победивте Реал Мадрид пред одредено време, имате тим во Јадранската лига (МЗТ Скопје – н.з). Целата област е горда на спортските постигнувања и нема причина зошто Македонците да не успеат во спортот. Ако клубовите имаат добри услови, ќе имаат и добри играчи. Важно е да има спонзорство кое ќе им помогне на клубовите. Мислам дека на тој начин многу повеќе луѓе ќе знаат за Македонија. Потребна е само една мала искра за и Македонија да се најде на мапата и да биде позната во Европа и во светот. Поради нашиот успех, Тел Авив, Ерусалим и Хаифа имаат големи арени, играме во Евролигата и Еврокупот. Ако тоа може да го стори земја со четири милиони жители, тогаш може и земја со два милиони. Не е прашање на големината на земјата, туку на развивањето гордост и создавањето кошаркарска култура – порача капитенот на славната генерација на Макаби Тел Авив.

Броди гледа многу сличности помеѓу Израел и Македонија, кои имаат богата историја, минато исполнето со потешкотии и предизвици, како и бројна популација во дијаспората.

– Гледам толку многу сличности, бидејќи Израел има бројна популација во дијаспората. Половина од еврејската популација живее надвор од земјата. На мојата позиција како амбасадор на добра волја, една од првите работи што ги сторив е да контактирам со Израелците и со еврејските заедници во странство и да ги информирам за добрите вести од Израел и за успехот во спортот. Затоа е важно луѓето од Македонија кои имаат роднини во странство, да ги информираат своите најблиски за добрите нешта што се случуваат за развојот на државата. Тоа ќе ја поврзе заедницата во странство, која можеби почесто ќе ја посетува Македонија. Помладите генерации на Израелци во странство немаат поврзаност со Израел, а на телевизија ја гледаат само војната, но не и секојдневниот живот. Постои врска помеѓу Израел и Македонија бидејќи сме многу слични и можеме да учиме едни од други. Важно е луѓето да кажат, ја сакам својата татковина. Што можам да сторам за да ја направам подобра, за Македонците ширум светот што го загубиле идентитетот, да станат горди на тоа што го имаат. Има многу што може да се стори за да се создаде позитивна слика, не само во регионот, туку и во светот, бидејќи мислам дека малкумина луѓе ја знаат нашата историја која е слична. И ние имавме потешкотии низ минатото, исто како и Македонците како нација. Веќе првиот ден во Македонија гледам колку е убаво тука, во центарот на градот. Нема многу места со ваква култура – заклучува Броди.


Предизвикот во Израел поважен од НБА-лигата

Играњето во НБА претставува сон за секој кошаркар, но Тал Броди, кој е роден во САД, ја одби можноста да настапува во најсилната светска лига поради играњето за Макаби Тел Авив и можноста да ја унапреди кошарката во Израел.

– Ако денеска сте 12-ти на драфтот, потпишувате договор вреден три-четири милиони долари годишно, по што ќе бидете во тимот барем во следните две години, а ако сте добри, небото е граница. Кога јас завршив факултет, потпишав за 12,5 илјади долари годишно. Потоа дојдоа Макабијанските игри во Израел, своевидните еврејски олимписки игри. Условите за кошарка беа примитивни, за разлика од САД. Но, кога отидов во Израел, Макаби ми пристапи со предизвик кој ме привлече, велејќи оти тимот никогаш не го поминал првото коло во Купот на европските шампиони. Ми кажаа и дека земјата поминува низ рецесија, за лошата економска ситуација, но и дека ако напредуваме во Европа, тоа ќе ги направи луѓето среќни и горди, и ќе можам да направам промена, ако дојдам на само една година. Тогаш, тој предизвик беше поважен од играњето во НБА. Секоја година се среќавам со поранешни играчи за време на олстар-викендите во НБА, кои ме прашуваат што би сторил денес. Да не знаев што ќе доживеам во 52-те убави години во Израел сигурно ќе отидев по парите, но ако ме прашате дали би се откажал од тие години за три-четири милиони долари, одговорот е не – категоричен е 12-от избран играч на драфтот во 1965 година.


Ја спасил кариерата на Бил Волтон

Тал Броди имал големо влијание врз кариерата на познатиот Бил Волтон (66), некогашниот најкорисен играч на НБА-лигата, двократен НБА-првак и член на кошаркарската куќа на славните. Тие беа соиграчи во репрезентацијата на САД на Светското првенство (СП) во 1970 година во СФР Југославија. Волтон се појавува во документарниот филм посветен на успехот на Макаби Тел Авив.

– Кога Лук Волтон беше назначен за тренер на Лос Анџелес лејкерс, му пратив порака на неговиот татко Бил за да му честитам. Тој веројатно му ја препратил пораката на Лук, бидејќи неговиот син ми испрати мејл, пишувајќи, Тал благодарам што му ја спасивте кариерата на мојот татко. Јас и Бил бевме цимери во репрезентацијата на САД која се подготвуваше да игра на СП во 1970 година. Тој беше млад кошаркар од средно училиште, 12-от играч во тимот и тренерот беше строг со него. По секој тренинг, Волтон велеше дека ќе се откаже од кошарката, за подоцна во неговата книга да напише дека ми е благодарен што го убедив да не го стори тоа – откри кошаркарот кој ги претставуваше репрезентациите на САД и на Израел.


Секој доаѓа до крстопат пред важна одлука во животот

Секој ќе дојде до крстопат пред да донесе важна одлука во животот. На младите секогаш им кажувам дека ќе се соочат со тешки одлуки. Мојот сон беше да играм во НБА, но кога дојде тој момент, се најдов пред избор кој ме одведе по поинаков пат. Не знаев дека тоа ќе бидат 52 години поминати во Израел, бидејќи јас се согласив да играм на една година. Вториот крстопат беше кога решив да се вратам, а потоа и да се преселам од САД во Израел. Но, потоа ме повикаа назад во САД поради војната во Виетнам. Не морав да одам, но чувствував дека тоа беше моја должност. Јас си реков дека морам да го сторам тоа и горд сум на одлуката, бидејќи моето семејство и пријатели се во САД. А на третиот крстопат наидов една недела пред патот за Белград за финалето на Купот на европските шампиони, кога татко ми доживеа срцев удар. Сакав да одам со тимот, но во себе знаев дека правилната одлука е да видам како е татко ми во Њујорк, и тоа го сторив. Кога тој се освести во болницата, на одделот за интензивна нега, ги отвори очите и ме праша што правам таму, велејќи дека треба да бидам во Белград. Отидов на аеродромот „ЏФК“, каде што на шалтерот на ЈАТ ми кажаа дека нема билет за мене. Побарав да разговарам со одговорниот, кој се испостави дека ме гледал во Љубљана на СП во 1970 година, па ме пушти да се качам на летот без билет. Тоа беше подарок бидејќи ја направив вистинската одлука. Мило ми е што ги направив овие три главни одлуки и што сѐ излезе добро, раскажува Броди.