Шпански Аликанте славеше на гостувањето кај Мурсија со 71-65 и го презеде лидерското место, а Ѓуровски придонесе со 11 поени, четири скока, две асистенции…

КОШАРКА – СТОЈАН ЃУРОВСКИ ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП

Селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација само може да го радува играта на високото репрезентативно крило (203 см) Стојан Ѓуровски (29), пред февруарскиот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, кој треба да се одржи во рускиот град Перм. Викендов со екипата на Аликанте, Ѓуровски се врати на победничката патека. По неочекуваниот прв пораз во сезоната на домашен терен од Гранада, „сино-белите“ се рехабилитираа со победа со 71-65 на гости кај Мурсија.
Притоа Ѓуроски имаше одлично прво полувреме (иако гостите го добија со 31-28), а на натпреварот оствари ефект од 11 поени, четири скока, две асистенции, една освоена топка за речиси 26 минути на теренот. По овој осми натпревар, Аликанте во групата Б на лигата на Шпанија сега има ефект од седум победи и еден пораз, доволно за повторно да се врати на водечката позиција.

Сево ова и за самиот Ѓуровски внесува поголем оптимизам пред февруарскиот квалификациски турнир, иако, секако, дека нема да биде лесно. Ѓуроски поради позитивен тест на коронавирус не отпатува во Талин за турнирот во ноември.
– Ќе мораме да дадеме сѐ од себе, сите 12 репрезентативни играчи, оти буквално ќе мора да се смета на сите токму поради тој распоред. Последниот натпревар сметам дека ќе ни биде најбитен, меѓутоа мислам дека можеме да ги изненадиме Италија и Русија во Перм. Има многу време до февруари, засега здравјето е најбитно за сите играчи во овие тешки моменти. Се надевам дека ќе имаме повеќе среќа овој пат со коронавирусот и дека во целосен состав ќе патуваме за Русија – вели Ѓуровски.

Поради ковид-19 во ноември беа одложени се средбите Италија – Македонија и Естонија – Македонија. Тие мечеви ќе се играат во февруари, во Перм. На табелата води Италија со шест бода (од три меча), а потоа следуваат селекциите на Русија со шест бода (4), Естонија со четири (3) и Македонија со два (2). Освен Италија, од оваа група на ЕП 2022 ќе се пласираат уште две репрезентации.