Американскиот селектор Грег Попович порача дека е разочаран, но не и изненаден по поразот на неговата селекција од Франција со 76-83 на денешниот меч од кошаркарскиот турнир на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио.

Беше тоа лошо издание на Американците, со многу грешки и неефикасен напад. Избраниците на Грег Попович во третата четвртина постигнаа само 11 поени.

– Кога ќе загубите натпревар, не сте изненадени. Разочарани сте. Не го разбирам зборот изненаден. Тоа не е чесно против Франција, како да сме требале да ги победиме 30 разлика. Франција е ѓаволски сјајна екипа. Немојте да се чудите поради овој пораз. Има многу сјајни тимови во светот, составени од НБА играчи. Јазот меѓу Америка и остатокот од светот се намалува секоја година – рече Попович.

Денешниот пораз е прва за кошаркарската селекција на САД на ЛОИ уште од 2004 година, на Игрите во Атина. Згора, Американците имаат учинок од три победи и пет порази во последните осум дуели на кои настапија со кошаркари од НБА во составот, од Светското првенство во Кина во 2019 година.