Повеќе од 21 милион гледачи го гледале шестиот меч од НБА-финалето, во кој Торонто го совлада Голден Стејт и ја освои првата шампионска титула

Кинескиот технолошки гигант „Тенсент холдингс“, кој стои зад сепоприсутната апликација за пораки „Вичет“, објави дека го обновил петгодишниот договор со американската Национална кошаркарска асоцијација (НБА) до 2025 година, за преноси во живо или стриминг на специјални видеа, како и на други содржини во Кина, пишуваат американски медиуми. Вредноста на договорот не беше објавена, но „Ланксионг спортс“, кинескиот спортски интернет-канал, спомнува сума од околу 1,5 милијарда долари, што е тројно повеќе во споредба со 500-те милиони долари за претходниот петгодишен договор со НБА.

Дел од мотивацијата на „Тенсент“ може да биде значителното зголемување на бројот на гледачите на НБА-мечевите во Кина. Ланската сезона околу 490 милиони луѓе, што е повеќе од една третина од кинеското население, кое има 1,3 милијарда, ги гледаа НБА-мечевите на дигиталните и на социјалните платформи поврзани со „Тенсент“.
Таа бројка е речиси тројно поголема во однос на сезоната 2014/2015, непосредно пред почетокот на партнерството „Тенсент“ – НБА. Повеќе од 21 милион гледачи го гледале шестиот меч од НБА-финалето, во кој Торонто го совлада Голден Стејт и ја освои првата шампионска титула.
Тоа е најгледаниот НБА-натпревар досега во Кина на дигитални платформи, според „Тенсент“.

Вистинската бројка гледачи на НБА-натпреварите во Кина е уште поголема. „Тенсент“ ги има ексклузивните права за пренос на мечевите во живо на интернет, но НБА-лигата има договори за партнерство и со други кинески компании за користење други содржини. Меѓу нив е и „БајтДанс“, матичната компанија на апликацијата за стриминг на кратки видеоснимки Тик-Ток, која потпиша договор со НБА минатиот ноември за објавување кратки видеа од најинтересните моменти од натпреварите како и за случувањата зад сцената. Спортскиот канал на кинеската национална телевизија, ЦЦТВ5, ги има ексклузивните права за пренос на мечевите во живо.
Благодарение на големиот број гледачи, НБА стана најпопуларна спортска лига во Кина, со играчи како Коби Брајант со над осум милиони следбеници на социјалната платформа Виебо, панданот на Фејсбук.