Кошаркарската репрезентација на Македонија ја совлада Италија со 87-78 на квалификацискиот турнир во руски Перм, за да ја одржи надежта за пласман на Европското првество. Избраниците на Александар Тодоров одиграа одлично второ полувреме во кое ја надоместија предноста од 11 поени на ривалот.

„Црвено-жолтите“ се надеваат на пораз на Естонија во претстојниот меч против Русија (од 16 часот), за да одлучуваат за пласман на континенталниот собир во последниот меч против директниот конкурент Естонија (утре од 15 ч.).

Ненад Димитријевиќ забележа 22 поени, 5 скока и седум асистенции, додека Андреј Магдевски впиша 20 коша и по четири скока и асистенции. Кај Италија најефикасен беше Марко Спису со 17 поени.

Италија како домаќин на претстојното ЕП и Русија веќе изборија учество на завршниот турнир од групата Б, во која се наоѓаат и Македонија и Естонија.