Хеликоптерот  на Коби Брајант го немал препорачаниот систем за предупредување што би му сигнализирал на пилотот дека бил премногу близу до земјиштето, но не е јасно дали таквиот уред би ја спречил несреќата во која загинаа девет лица, пренесува „АП“. Постои можност според која пилотот загубил контрола бидејќи влетале во магла и видливоста била намалена, соопштија вчера федералните истражители.

Пилотот Ара Зобајан се искачувал над облаците кога леталото нагло свртело на лево и започнало ненадејно и застрашувачко паѓање од 366 метри што траело скоро една минута.

– Ова е прилично стрмно понирање со голема брзина – изјави Џенифер Хоменди од Националниот одбор за безбедност при транспорт.

По ударот остатоци од хеликоптерот биле распространети на повеќе од 150 метри. Останките од жртвите се пронајдени вчера и досега само Брајант, Зобајан и двајца други патници се идентификувани со употреба на отпечатоци од прсти.

Утврдувањето на причината што ја предизвика несреќата се очекува трае со месеци, но истражителите би можеле да препорачаат воведување на систем за подигање на свеста и предупредување за теренот, кој би го вклучил алармот доколку леталата се во опасност од паѓање, со цел да се избегнат идните несреќи хеликоптерите кои носат шест или повеќе патници.

Надлежните служби дале таква препорака по слична несреќа во 2004 година, откако хелихоптер „Сикорски С-76А“ кој превезувал работници на брод за дупчење нафта, се урна во Мексиканскиот Залив во близина на Галвестон, Тексас, при што загинаа сите 10 патници.