Црна Гора првпат ќе игра на СП во кошаркарка, а годинава во Кина ќе настапат и трите селекции што на претходните три мундијали го освојуваа
сребрениот медал – Србија (2014), Турција (2010) и Грција (2006)

Црна Гора ќе дебитира на светските првенства (СП) во кошарка и таа земја стана најмалата според бројот на жители што ќе има своја репрезентација на кошаркарските мундијали. Од Балканскиот Полуостров на СП годинава во Кина ќе настапат и Србија, Турција и Грција, селекции што на претходните три светски првенства го освојуваа сребрениот медал. Европскиот првак Словенија не успеа да се пласира на СП 2019.

За овој Мундијал првпат се играа квалификации, оти во минатото селекциите добиваа право на настап според пласманот на континенталните првенства. Квалификациите беа долги (почнаа во 2017 година), во три фази, а завршија во понеделникот.

Од Европа на СП ќе играат Чешка, Франција, Германија, Грција, Италија, Литванија, Црна Гора, Полска, Русија, Србија, Шпанија и Турција. Северна и Јужна Америка ќе ги претставуваат Аргентина, Бразил, Канада, Доминиканска Република, Порторико, САД и Венецуела, од Африка ќе настапат Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Нигерија, Сенегал и Тунис, а од регионот Азија и Океанија на СП ќе учествуваат Кина, Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Нов Зеланд, Филипини и Јужна Кореја.
Ждрепката за групите треба да биде влечена на 16 март, а СП треба да се игра од 31 август до 15 септември.