Иако од КФМ беше најавено дека до вчера требаше да биде познат новиот селектор на македонската сениорска репрезентација, тоа ќе се одложи за следните дена неделава

Од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) во петокот беше најавено дека до вчера македонската сениорска репрезентација ќе добие нов селектор, но тоа, сепак, не се случи. Според информациите, во тек биле последните консултации, преговори со повеќемина кандидати.
– Новиот селектор очекуваме да биде познат во текот на неделата, но кога точно, не би можел да прецизирам. Едно е сигурно, на селекторската клупа ќе седне Македонец. Дали тоа ќе биде тренер што работи во Македонија или во странство, не би сакал да прејудицирам, оти наскоро сѐ ќе биде познато. Точно е дека преговаравме и со стручњаци што работат во квалитетни европски клубови, како што е Октај Махмути. Но со такви квалитетни тренери и работите одат многу потешко, оти тие водат клубови што играат во Евролигата, па потешко ги ослободуваат за да водат национални селекции, кои играат во квалификациските прозорци за пласман на Европското првенство – вели генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски.

Сепак, времето тече, а првите два меча од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година против Естонија (дома) и со Русија (на гости) се во февруари в година. Во квалификациската група е и Италија, мечевите треба да се играат во три фази, а првите три места во групата носат пласман на ЕП 2021. Во претквалификацискиот циклус за ЕП 2021 репрезентацијата на Македонија ја предводеше Јорданчо Давитков. Досега 13 тренери биле селектори на македонската репрезентација, од нив деветмина од Македонија и четворица странци.