Фото: Маја Јаневска- Илиева

Бордот на директори на ФИБА-Европа одлучи ноемврискиот прозорец од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во кошарка за мажи во 2021 година да се игра според претходно утврдениот календар за натпреварување, без или со лимитиран број гледачи и во согласност со локалните законски регулативи.

Во случај да не може да се игра во текот на ноември поради пандемијата на коронавирусот, тогаш натпреварите од тој прозорец ќе бидат одложени, односно префрлени за февруарските термини следната 2021 година. Натпреварите, пак, кои беа закажани во февруари ќе бидат презакажани за јули 2021 година, притоа водејќи сметка да бидат реализирани помеѓу крајот на олимписките квалификациски турнири и почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио.

Според постојниот календар, македонската репрезентација, предводена од селекторот Александар Тодоров, на 27 ноември ќе треба да ѝ гостува на Италија, а три дена подоцна и на Естонија.

Како што е познато, црвено-жолтите првите два натпревара од овие квалификации ги загубија, во Скопје од Естонија (72-81) и на гости против Русија (67-77). Пласман на ЕП од оваа група обезбедуваат двете најдобри селекции, со исклучок на Италија, која како домаќин веќе има обезбедено пласман.