Словенечкиот НБА-кошаркар Лука Дончиќ, по олстар-викендот на кој првпат настапи, во голем стил се врати и во лигашкото натпреварување. Во победата на неговиот Далас против Орландо (122-106), тој беше најпрецизниот кошаркар на средбата со 33 коша, од кои, од игра погоди 10 пати од 21 обид, за тројки имаше 4/8, од слободни фрлања 9/12, а имаше и 10 скока, осум асистенции и по една блокада и украдена топка. А сето ова беше резултат на феноменалното прво полувреме, во кое за 17 минути постигна 24 поени, како и по пет асистенции и скока. Тоа е веќе четврти пат во неговата кариера полувремето да го завршува со скор од 20/5/5, но првпат годинава, како и во последните десет години воопшто.
Но Дончиќ не е единствениот кошаркар на Далас што одиграл ваков историски натпревар, оти тоа му успеало и на Летонецот Кристапс Порзингис, кој има 24 коша во една таква категорија. Специфично за Порзингис е тоа што тој е центар, а од тие реализирани коша, 12 поени (четири шута) се од ударот за три поени. Врвното постигнување го комплетира и со 10 скока и по пет блокади и асистенции, со што стана прв играч откако се игра НБА-лигата со вакво остварување.
Словенецот и Летонецот влегоа во аналите на НБА и како двојка, односно засега се трета двојка во историјата, која во натпревари во низа забележила по 20 поени, 10 скока и пет асистенции. Пред нив, тоа им успеало само на Хаким Олајџувон и Клајд Дрекслер (1995), како и на Леброн Џејмс и Кевин Лав (2017). 

Мајами го повлече дресот со број три

Емотивно и пред речиси 20.000 гледачи во арената „Американ ерлајнс“ беше одржана церемонија на полувремето од мечот Мајами Кливленд (во кој Мајами славеше со 124-105), а во чест на легендарниот плејмејкер Двејн Вејд, чиј дрес со бројот три е повлечен од употреба. Вејд, кој најголемиот дел од својата кариера го одигра во Мајами, има и 66 натпревари за Чикаго (сезона 2016/2017), како и 46 за Кливленд (2017/2018), но во големиот дел, 1.231 настап (16 сезони), ги бранел боите на Мајами, со кој трипати станал првак во НБА, а во 2006 година бил и најкорисен играч во финалето. Вејд имал просек во кариерата од 22 поени, 4,7 скока и 5,4 асистенции по натпревар. Мајами досега ги има пензионирано и дресовите на Крис Бош (број 1), Тим Хардавеј (10), Мајкл Џордан (23), Шекил О’Нил (32) и Алонзо Морнинг (33). Мајами е единствениот клуб, освен Чикаго, што го повлекол бројот на дресот на Џордан, во чест на големиот придонес за кошарката на некогашниот член на Чикаго.