Грег Поповиќ

Дамјан Лилард и Демар Дероузен се најновите кошаркари што се повлекле од тренинг-кампот на репрезентацијата на САД пред Светското првенство во септември во Кина, објавија американски медиуми. Двете ѕвезди на Западната конференција на НБА им се приклучија на тие што претходно се повлекоа од настапот на Мундијалот, како Џејмс Харден, Ентони Дејвис, Бредли Бил, Тобијас Харис и Џеј Меколум.

Играчите што остануваат ќе бидат предводени од селекторот Грег Поповиќ, кому ќе му помагаат Стив Кер, Лојд Пирс и Џеј Рајт. Тимот на САД ќе го одржи својот прв меѓусебен меч во Лас Вегас на 9 август, а првиот натпревар на Светското првенство е предвиден за 1 септември со Чешка.

Според „Спорт илустрејтед“, во тимот за СП се останати Харисон Барнс (Сакраменто), Џејлен Браун (Бостон), Андре Драмонд (Детроит), Кајл Кузма (ЛА Лејкерс), Брук Лопез (Милвоки), Кевин Лав (Кливленд), Кајл Лори (Торонто), Крис Мидлтон (Милвоки), Пол Милсап (Денвер), Донован Мичел (Јута), Џулиус Рендл (Њујорк), Маркус Смарт (Бостон), Џејсон Тејтум (Бостон), ПЏ такер (Хјустон), Мајлс Тарнер (Индијана), Кемба Вокер (Шарлот) и Тадеус Јанг (Чикаго).