На 1 ноември 1946 година, во Торонто, пред 7.090 гледачи, се одиграл првиот меч во НБА-лигата, во кој се сретнале Торонто хаски и Њујорк никс

КОШАРКА

Првиот натпревар во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот, НБА, се одиграл на 1 ноември 1946 година и токму годинава е славеничка за лигата, во која милиони љубители на овој спорт уживаат со години и се одушевуваат на мајсториите на мноштвото играчи што произлегоа од неа. Точно пред 75 години, Торонто хаски и Њујорк никс се впишаа во историјата во Торонто, каде што го одиграле тој натпревар, во кој Њујорк пред 7.090 гледачи победил со 68-66. Лигата тогаш имала вкупно 11 тима.
Натпреварот се играл 48 минути, имал четири четвртини од по 12 минути, како и сега, а за тој дуел Торонто одлучил секој човек што е повисок од нивниот центар, Џорџ Ностранд (203 см), да добие бесплатен влез (цената на билетот се движела од 75 центи до 2,5 долари). Ностранд бил втор стрелец на дуелот, со 16 поени. Првиот кош во историјата го постигнал играчот на Њујорк, Оскар Шектман. Њујорк никс е еден од трите клуба-франшизи што играле во секоја сезона во НБА-лигата, заедно со Бостон селтикс и со Голден стејт вориорс (прво како Филаделфија вориорс).
Играчот на Торонто, Хенк Бјазати, роден во Италија, а израснат во Канада, станал првиот интернационалец што играл на еден НБА-меч. Потоа тој продолжил да игра бејзбол за Филаделфија. Еден од судиите на тој натпревар бил и Метју Кенеди, кој во 1959 година станал првиот судија што бил примен во познатата „Куќа на славните“. Њујорк ја завршил таа прва сезона со 33 победи и 27 порази, губејќи во полуфиналето од Филаделфија вориорс, која, пак, подоцна станала шампион. Торонто ја завршил таа сезона со 22 победи и 38 порази.