Кошарка

Во рамките на 75 години постење на НБА, најквалитетната кошаркарска лига во светот, меѓу другото, ќе избира и најдобри 10 европски кошаркари што оставиле трага во оваа лига, поделени во две петорки.
Во конкуренција на сајтот НБА.цом, меѓу другите, се и поранешните кошаркари, како што се Хрватите Дражен Петровиќ и Тони Кукоч, Србинот Владе Дивац, Литванецот Арвидас Сабонис, Германецот Дирк Новицки…, па до сегашните ѕвезди Словенецот Лука Дончиќ, Србинот Никола Јокиќ, Гркот Јанис Адетокумбо… Гласањето е предвидено да се одржи од 28 март до 10 април 2022 година.
Истовремено ќе се гласа и за досега најдоминантна екипа во НБА, а во конкуренција се Бостон, Голден Стејт, Чикаго Булс, а победникот ќе биде познат на 30 ноември. Ќе се гласа и за најдобар европски НБА-момент (28 февруари-7 март 2022), како и за најубав дрес на сите времиња (14-20 декември). Во сите категории, гласовите на навивачите ќе донесат 50 отсто од резултатите, а преостанатите 50 отсто ќе бидат од претставници на европски медиуми и познати личности.