Раководството на НБА-лигата испрати соопштение во 10 точки до своите кошаркари, со кои би се намалила можноста да се заразат од коронавирусот. Така, во соопштението се советува кошаркарите да избегнуваат поздравување со навивачи и странци, да не земаат туѓи предмети при пишување автограми, како што се моливи, дресови, топки и слично.

– Здравјето и безбедноста на екипите, кошаркарите и навивачите ни се приоритет. Соработуваме со сите клубови, даваме совети, се консултираме со докторите и будно го следиме она што се случува со коронавирусот – се вели во соопштението од НБА.
Некои играчи веќе почнале овие совети да ги применуваат во практика, како што е на пример кошаркарот на Портланд, Си Џеј Меколум.

– Службено ќе паузирам од давање автограми додека не ви соопштам до кога. Препорачувам да ги миете рацете со сапун најмалку 20 секунди и да ја покривате устата додека кашлате – напиша на Твитер Меколум.