Хјустон рокетс е меѓу најпопуларните НБА-клубови во Кина: Бекот на „ракетите“ Џејмс Харден (лево) во акција

Твит на генералниот менаџер на Хјустон рокетс, Дерил Мори, во кој се изразува поддршка за протестите во Хонгконг предизвика големо незадоволство во Кина, оставајќи ги кошаркарскиот клуб и НБА-лигата да се справуваат со предизвиканата штета, пишува „Фајненшл тајмс“.

Мори објави слика на Твитер, кој е блокиран во Кина, со зборовите „борете се за слобода, застанете покрај Хонгконг“, во петокот, што всушност претставува еден од слоганите на демонстрантите во текот на четиримесечните протести.

Мори бргу го избриша твитот и напиша дека немал намера да предизвика навреда, но тоа не го сопре гневот во Кина, со што комерцијалните партнери веќе ги прекинуваат врските со клубот.

Ставовите на Дерил Мори за Хонгконг предизвикаа контроверзи

Кинеската кошаркарска асоцијација го суспендираше партнерството со „ракетите“ кои се еден од најпопуларните клубови во најмногубројната светска држава, поради „непримерените забелешки“ на Дерил Мори. 

НБА-лигата е фокусирана на кинескиот пазар каде што се обидува да ги придобие бројните љубители на кошарката. Неодамна, НБА-лигата потпиша договор вреден 1,5 милијарди долари за правата за емитување преку Интернет со кинеската компанија „Тенсент“. Повеќе од 490 милиони луѓе ги гледаат НБА-мечевите преку платформата на „Тенсент“ минатата сезона. Лигата се огради од коментарите на Мори, објавувајќи официјални изјави на англиски и на кинески. Во англиската верзија се изразува „жалење“ што кинеските навивачи се навредени, но се додава оти „вредностите на лигата ги поддржуваат индивидуалците, за да се едуцираат и да ги споделуваат мислењата за прашањата кои се битни за нив“. Од друга страна, кинеската верзија претставува посилна осуда на твитот, истакнувајќи дека „НБА е екстремно разочарана од непримерениот коментар“ и дека тој „недвосмислено, сериозно ги повредил чувствата на кинеските навивачи“.

Одговорот на НБА не успеа да го ублажи незадоволството во Кина, а поттикна и критики во Вашингтон според кои лигата ги фаворизира комерцијалните цели пред американските вредности. 

Хјустон е еден од најпопуларните НБА-клубови во Кина, бидејќи најпознатиот кинески кошаркар Јао Минг ја помина целата кариера носејќи го дресот на „ракетите“. Кинеската јавност бара од Хјустон да го отпушти Мори кој е генерален менаџер во клубот од 2007 година.