Македонскиот вицепрвак МЗТ Скопје со пораз од 81:78 на гостувањето кај Блокотехна ја започна новата сезона во Првата кошаркарска лига.

Во првата четвртина кошаркарите на МЗТ покажаа по квалитетна игра и по десет минути резултатот беше 21:27. Но, домаќините во втората четвртина се вратија во игра, ги искористија грешките на противникот и со неколку успешно реализирани тројки ја намалија разликата, а на паузата МЗТ имаше предност од само еден поен (49:50).

Кошаркарите на Блокотехна во третиот период не им дозволија на гостите на стигнат до позначајна предност, при тоа успеаа да направат пресврт и по 30 минути игра имаа минимално водство од 65:64.

Најнеизвесни беа последните десет минути од натпреварот, кои минаа со многу грешки и резултатски осцилации на двете страни. Домаќините неколкупати преку реализација на тројки се обидуваа да стигнат до стабилно водство, кое во последните две минити беше 78:74.

Лестер Медфорд реализираше тројка за МЗТ и намали на 78:77, но Марјан Младеновиќ прецизно изведе два слободни удари на десетина секунди до крајот натпреварот и обезбеди победа за Блокотехна.

Најефикасни во тимот на Блокотехна беа Повилас Гаидус со 20 поени и Данило Мијатовиќ кој реализираше 17 поени.

Кај МЗТ Скопје најпрецизни беа Дамјан Стојановски и Љубомир Младеновски со по 15 поени.