Нивното ривалство во 1980-тите, како членови на Лос Анџелес лејкерс и на Бостон селтикс, НБА-лигата ја подигна на едно ново, повисоко ниво на популарност

Легендарните кошаркари на Лос Анџелес лејкерс и на Бостон селтикс, Ирвин Меџик Џонсон и Лери Бирд, чие ривалство во 1980-тите ја подигна НБА-лигата на едно ново, повисоко ниво на популарност, ќе бидат почестени со наградите за животно дело.
Двајцата кошаркари што се дел од „Холот на славните“ и членови на репрезентацијата на САД, односно на т.н. дрим-тим што настапи на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1992 година во Барселона, ќе ги добијат наградите на 24 јуни. Овие награди се совпаѓаат со 40- годишнината од нивниот меѓусебен натпревар во универзитетската НЦАА-лига, кога Мичиген со Џонсон го победи тимот на Бирд, Индијана. Тој меч телевизиски сѐ уште е највисоко рангиран во историјата на универзитетската кошарка.
Двајцата потоа кариерите ги продолжија во НБА, Џонсон во Лос Анџелес, а Бирд во Бостон. Лејкерси освоија пет шампионски прстени во 1980-те, а Селтикси три, но нивното ривалство предизвика огромно интересирање и многу помогна НБА-кошарката да стане еден од најпопуларните спортови во светот.

Двајцата освоија три признанија за најдобар играч на сезоната (МВП), си обезбедија место на листата на 50 најголеми играчи во историјата на НБА и во две категории добија место во „Холот на славните“, најпрво како поединци, а потоа и како дел од дрим-тимот што освои златен медал во Барселона.

По завршувањето на играчката кариера, Бирд беше тренер и претседател на Индијана пејсерс и е единствената личност во историјата на НБА што била МВП, тренер на годината и извршен директор на годината!

Џонсон, исто така, беше во двете улоги во Лејкерс, но не со ист успех. Тој краток период беше тренер (1993/1994), а неодамна се повлече од функцијата претседател, по две сезони. Неговите поголеми достигнувања по завршувањето на активната кариера беа во бизнис-секторот, како извршен директор на „Меџик Џонсон ентерпрајзис“.

Прв добитник на наградата животно дело во 2017 година беше легендарниот центар на Селтикси, Бил Расел, а лани признанието го доби уште еден легендарен НБА-кошаркар од 1960-тите, бекот Оскар Робертсон или Биг О, кој настапуваше за Синсинати ројалс и за Милвоки бакс.