Георгиевски (лево) со тренерите Књазев и Лечиќ

Се најавува дека летово од активното играње кошарка ќе се збогува прославениот македонски кошаркар Перо Антиќ. Останува тоа да го стори онака како што и му прилега на вакво кошаркарско име, на голем натпревар со големи кошаркарски ѕвезди, во негова чест. За деталите и за чувствата при еден ваков емотивен дуел раскажуваат и некогашните репрезентативци, кошаркарот Георгиевски за својот меч од 1984 година и фудбалерот Ќириќ за натпреварот од 2004-та

Прославениот македонски кошаркарски центар и член на македонската репрезентација Перо Антиќ (37) во јули треба да му каже збогум на активното играње кошарка, беше објавено неодамна. Антиќ почнал да игра кошарка на 11 години, во младинските школи на Работнички, со 16 години дебитирал во сениорскиот тим, а на 17 заминал на колеџ во САД. Професионална кариера ја почнал во Работнички во 1999 година.
Во моментот кога треба да се прости од активното играње кошарка, зад името на Антиќ стојат само суперлативи. Високиот центар досега ги бранел боите на Работнички, АЕК, Црвена звезда, КК Локомотив Кубањ, Лукоил Академик, Спартак Санкт Петербург, Олимпијакос, Фенербахче, како и американскиот НБА-клуб Атланта хоукс. Тој трипати беше европски првак (двапати со Олимпијакос, еднаш со Фенербахче), пет пати е прогласуван за најдобар македонски кошаркар што игра во странство…

Прошталниот меч е секогаш емотивен момент за еден спортист. Пред 35 години спектакуларен натпревар организира прославениот македонски кошаркар, плејмејкерот Благоја Георгиевски-Буштур (68). Тој е освојувач на сребро од Летните олимписки игри во 1976 година и од Европското првенство во 1971 година, како и злато од Медитеранските игри во 1971 и во 1975 година.

– Натпреварот, кога и дефинитивно се збогуваш од активното играње кошарка, секако дека е голем настан за самиот играч. Спортистот обично памети две работи во својата кариера – кога почнал и кога му кажал збогум на активното играње. Сепак, второво е позначајно, оти веќе имаш увид кој си, што си и што сѐ си сторил во годините што си ги поминал на теренот. Заминувањето од активното играње, кое за мене се случи во 1984 година, лично многу тешко го доживеав, бидејќи беше испреплетено со многу емоции. За таа цел лично го организирав целиот меч помеѓу тогашната славна репрезентација на Југославија и мојот клуб Работнички, под водство на тренерот Јанко Луковски. Во Скопје тогаш дојдоа големите кошаркарски ѕвезди Ќосиќ, Плеќаш, Далипагиќ, Делибашиќ, Вараиќ, Јеловац, Чермак и многу други, а судиската правда ја делеа најдобрите југословенски судии Јакшиќ и Белошевиќ. Атмосферата во салата „Парк“ во Скопје беше феноменална – се сеќава Георгиевски.

Фудбалерот Саша Ќириќ (51), пак, не одигра клупски проштален меч, но одигра 15 минути во специјалниот проштален натпревар од репрезентацијата, на 28 април 2004 година, на дуелот со Хрватска, во Скопје (0-1).

– Тоа е незаборавен момент од мојата кариера и би сакал и други да го доживеат тоа пријатно чувство, кога веќе ќе завршуваш со настапи, на терен да го направиш тоа.

Затоа не се согласувам на големи имиња пред меч да им се даде нешто и така да завршат со играње во репрезентацијата. Но сега за новите генерации има и еден проблем, а тоа е што веќе нема пријателски мечеви, па една таква свеченост ќе треба да се прави на официјален натпревар, а на таков меч тоа не се дозволува поради тајминзите на ФИФА и УЕФА. Штета што во минатото повеќе фудбалери не го добија тој третман, како на пример Артим Шаќири, Николче Новески…, кои со своите кариери заслужуваа да одиграат неколку минути, едно полувреме или цел проштален меч од репрезентацијата – вели Ќириќ, кој ѕвездените интернационални моменти ги имаше во германската Бундес-лига, особено во дресот на Нирнберг, и кој од фудбалот се прости во 2006 година.

Георгиевски вели дека во вистински момент заминал од кошарката.

– Заминав кога бев мошне успешен, бидејќи и публиката како таков ме памети, а не да чекам тоа да го направам насила и во подоцнежните години, со многу полош впечаток за себе. Единствено против моето кошаркарско пензионирање беше мојата мајка, која, патем, секогаш уредно ги подготвуваше моите патни торби и која сметаше дека уште сум можел да играм – се присетува македонскиот кошаркар на векот. Г.И.;Г.М.


Георгиевски: Тоа е како една филмска лента што постојано се врти

Прославениот кошаркар Благоја Георгиевски се сеќава на секој детаљ од тој проштален меч.
– Моментот кога засекогаш излегов од теренот и ги поздравив присутните со почесен круг никогаш нема да го заборавам. Тоа е како една филмска лента што постојано се врти, едноставно нема крај и секогаш ги буди спомените на тие последни мигови од мојата играчка кариера. Солзите не можев да ги запрам, а поради емоциите, тешко беше да се направи и краткото ТВ-интервју со Иван Мировски, кој го коментираше овој меч. Тие 18 години играње во репрезентацијата на СФРЈ и во Македонија никогаш не можам да ги заборавам. Се сеќавам како тогаш југословенските играчи во шега ми велеа: „Фала богу, конечно овој Георгиевски си заминува од кошарката, кој ќе го трпеше ако останеше уште некоја година на паркетот“ – со насмевка се присетува Георгиевски. Г.И.


Ќириќ: Уживав во моите 15 минути, не ми се излегуваше

Уживав во моите 15 минути. Кога требаше да излезам, не ми се излегуваше. Следуваа аплаузи, а јас на публиката ѝ се поклонив по излегувањето, оти ние играме за публиката, нашиот најголем мотиватор. Во тие 15 минути не мислев на репрезентативната кариера, туку мислев како да постигнам гол, а имав една полушанса. Мислите доаѓаат потоа, особено дојдоа во следните денови, и секако вечерта кога прославивме заедно со репрезентативците на Македонија и со дел од селекцијата на Хрватска, мои колеги од Бундес-лигата. Споредбено, поинтензивни ми беа чувствата за последниот меч во кариерата, иако тој кратко трае. На првиот натпревар не си многу ни свесен што се случува, во основа си млад, друг адреналин те облева, концентриран си да ги исполниш задачите, вели фудбалерот Саша Ќириќ за својот проштален меч од репрезентацијата. Г.М.

Ќириќ во десот на Офенбах