Деновиве, во периодот на суспензија на спортот поради коронавирусот, „Ер Џордан“ повторно е во фокусот на вниманието на светската спортска јавност поради ТВ-серијалот од 10 епизоди, насловен „Последниот танц“, за последната шампионска сезона со Чикаго булс, 1997/1998

Името Мајкл Џордан е синоним за еден од најголемите кошаркари од историјата на НБА-лигата, кој го предводеше Чикаго булс до шест шампионски триумфи, во 1991, 1992, 1993, 1996, 1997 и 1998 година. Деновиве, во периодот на суспензија на спортот поради коронавирусот, „Ер Џордан“ повторно е во фокусот на вниманието на светската спортска јавност поради ТВ-серијалот од 10 епизоди, насловен „Последниот танц“, за последната шампионска сезона со „биковите“, 1997/98.
Во серијалот се говори за лидерството на Џордан, за односот кон соиграчите, тренерите и другите колеги од НБА итн. Во една од епизодите стана збор и за тоа дали неговата „зависност“ и желба за победа му ја нарушиле репутацијата. Неговиот одговор на социјалните мрежи беше прогласен за една од најдобрите дефиниции за лидерство.
– Победата има цена. И лидерството има цена. Јас ги повлеков луѓето таму каде што не сакаа да бидат повлечени. Јас ги предизвикав кога тие не сакаа да бидат предизвикани. И јас го добив тоа право затоа што моите соиграчи што дојдоа по мене не мораа да ги издржат сите работи што морав да ги издржам јас.

Штом ќе дојдеш во тимот, живееш според одреден стандард и играш на начин како што играм јас, и не прифаќам ништо помалку од тоа. Сега, ако тоа значеше дека требаше да влезам таму и да клоцнам понекој задник, тогаш го правев тоа. Прашајте ги сите мои соиграчи и ќе ви кажат: „Една работа во врска со Мајкл Џордан беше тоа што тој никогаш не нѐ замоли да направиме нешто што тој не го сторил“. Некои ќе речат: „Па, добро, тој не беше добро момче, можеби повеќе беше тиран“. Во ред. Можеби е така затоа што некои немаа ништо освоено. Јас сакав да победувам, сакав и тие да победуваат и да бидат дел од тоа. Видете, јас не морав да го правам тоа. Го правев тоа затоа што едноставно сум таков. Така играв, тоа беше мојот менталитет. Ако не сакате да играте на таков начин, не играјте на таков начин – ја пренесува изјавата на Џордан „Бизнис инсајдер“.

Мајкл Џордан е еден од најголемите кошаркари на сите времиња. За неговите брилијантни игри и рекордни постигнувања се знае речиси сѐ. Тој и денес е инспирација за многумина кошаркари и, воопшто, спортисти.
– Границите често се само илузија. Мене кошарката ми значеше сѐ. Таа е моето прибежиште, мојот мир. Тоа беше место на најинтензивни болки и радости што може да се замислат. Не постои совршен кошаркар и не верувам дека има само еден најголем играч, сите играле во различни периоди. Без Џулиус Ирвинг, Дејвид Томпсон, Волтер Дејвис и Елџин Бајлор никогаш немаше да постои Мајкл Џордан. Јас еволуирав од нив – изјави своевремено Џордан.

Тој го сподели своето искуство и во справувањето со притисокот.
– Луѓето не ми веруваа кога им кажував дека на тренинзите ми беше понапорно отколку на натпреварите, но тоа беше вистина. Таму е местото каде што се создаде мојата зона за удобност. На натпреварите, сѐ што морав да направам беше да реагирам на она на што моето тело веќе беше навикнато – рече Џордан за ЕСПН.