Фото: Маја Јаневска-Илиева

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Првопласираните три репрезентации од секоја група ќе се пласираат во втората фаза на квалификациите

Македонската машка кошаркарска репрезентација (моментно рангирана 29-та во Европа) ќе игра во групата Г, во, квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, кое ќе се одржи во Филипини, Јапонија и во Индонезија. На патот до посакуваната историска цел се репрезентациите на Шпанија, актуелен светски првак од 2019 година (рангирана прва во Европа), Грузија (18-та) и Украина (16-та)

Вака одреди ждрепката што вчера беше влечена во куќата на кошарката „Патрик Бауман“ во градот Миес (Швајцарија), а во која пред почетокот Македонија беше сместена во осмиот барабан. Светската кошаркарска федерација (ФИБА) одлучи да го смени системот на квалификации, па, така, во првата фаза 32 репрезентации во европските квалификации ќе бидат поделени во осум групи, со по четири селекции. Првопласираните три репрезентации од секоја група ќе се пласираат во втората фаза на квалификациите, каде што ќе бидат распределени во четири групи, со по шест национални тима, но притоа тие ќе ги пренесат бодовите освоени од првата фаза.

– Мислам дека не сме без шанси во оваа група. Од противниците, само Украина ќе биде комплетна, а за Шпанија и за Грузија нема да играат најдобрите кошаркари. Веројатно, Украинците ќе ни бидат ривал за третото место. Клучно ќе биде со кого ќе играме во јунскиот прозорец, бидејќи тогаш на располагање ќе бидат и евролигашките и НБА-играчите – вели капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, пренесе интернет-страницата на Македонската кошаркарска федерација.

Пласман на Светското првенство обезбедуваат првите три репрезентации од новоформираните групи, односно од втората фаза, што значи дека селекцијата на Македонија, предводена од селекторот Драган Бајиќ, секако дека ја очекуваат први, историски, но тешки квалификации.

Првата етапа ќе се игра од 20 до 30 ноември годинава, потоа од 21 февруари до 1 март 2022 година и потоа од 27 јуни до 5 јули в година. Во втората етапа ќе се игра од 22 септември до 30 август 2022 година, потоа од 7 до 15 ноември 2022 година и од 20 до 28 февруари 2023 година, со по два натпревари во секој прозорец.


ГРУПА А
Србија
Словачка
Белгија
Летонија

ГРУПА Б
Белорусија
В. Британија
Грција
Турција

ГРУПА Ц
Хрватска
Шведска
Финска
Словенија

ГРУПА Д
Израел
Германија
Естонија
Полска
ГРУПА Е
Франција
Португалија
Унгарија
Црна Гора

ГРУПА Ф
БиХ
Литванија
Бугарија
Чешка

ГРУПА Г
Грузија
Македонија
Шпанија
Украина

ГРУПА Х
Русија
Холандија
Исланд
Италија