Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската репрезентација не се пласира на ЕП 2022 и во следниот период ќе игра во претквалификации за СП 2023, а можни противници се Белорусија, Исланд, Португалија, Словачка, Австрија, Данска, Летонија, Црна Гора, Романија, Шведска и Швајцарија

КОШАРКА – ПО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022

Разочаран сум, но истовремено и многу горд на оваа група момци, бидејќи навистина успеавме да создадеме еден тим, но овој пат тоа не се покажа како доволно. Димитријевиќ покажа и докажа дека е лидер на овој тим во следните десет години. Ако се осврнеме на овие шест меча, можам да кажам дека има два спротивставени момента: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП, а другиот огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години. Имаме два пораза во средби израмнети до последните минути, со Русија и со Италија. Имаме еден крајно лош меч со Русија, но и две победи и едно катастрофално лошо полувреме во Скопје, кое нѐ остави да го гледаме следното ЕП дома. Запознав десетина млади играчи, кои не само што ги немав тренирано туку и воопшто не ги познавав и сигурен сум дека со нив, но 3-4 години постари, веќе во 2025 година Македонија ќе биде дел од Евробаскетот, и тоа не само во улога на аутсајдер. Од денешен агол, ако повторно е ноември 2019 година и ја добијам истата понуда, сигурен сум дека пак би ја прифатил, оти навистина ми беше задоволство да работам со оваа група играчи, независно од крајниот резултат, изјави селекторот по квалификациите во кои Македонија не се пласира на 41. Европското првенство (ЕП) во 2022 година.
Репрезентацијата во трите квалификациски турнири оствари две победи, над Италија и над Естонија (во 6. коло со 86-84), а загуби четири, и има осум бода, колку и Естонија, но послаб кош-количник. Прва е Италија, пред Русија, и двете и со 10 бода. Македонија досега настапи на пет ЕП.

По завршените квалификации, кои поради ковид-19 дел се играше во т.н. „балони“, на ЕП ќе настапат и четири селекции кои не беа дел од претходното ЕП во 2017 година (Бугарија, БиХ, Естонија и Холандија). Словенија како бранител на титулата го оствари 14-от пласман во низа, откако беше една од првите селекции што го потврдија учеството уште во ноември. Ова ЕП ќе биде третпат на кое домаќини се четири држави (Чешка, Италија, Грузија, Германија), по првенствата во 2015 и во 2017 година.
Сите екипи што не се квалификуваа на ЕП ќе учествуваат во европските претквалификации за Светското првенство (СП) во 2023 година. По Белорусија, Исланд, Португалија и Словачка, кои се квалификуваа во првиот круг од претквалификациите, преостанатите места се пополнети со осумте селекции од квалификациите за ЕП 2022. Покрај Македонија, патот за пласман на СП ќе го почнат и Австрија, Данска, Летонија, Црна Гора, Романија, Шведска и Швајцарија, поделени во четири групи, а место во регуларниот дел од квалификациите ќе остварат најдобрите две репрезентации од секоја група.

Директен пласман во квалификациите за СП обезбедија 24-те селекции-учесници на ЕП 2022, а место на СП ќе обезбедат 12 европски репрезентации.
Пласман на ЕП 2022 обезбедија Израел, Шпанија, Полска, Италија, Русија, Естонија, Белгија, Литванија, Чешка, Хрватска, Холандија, Турција, Србија, Финска, Грузија, Словенија, Унгарија, Украина, Франција, Велика Британија, Германија, БиХ, Грција, Бугарија.