Војдан Стојановски

Естонија не е единствената шанса за пласман на Македонија. Напротив, можеме да ја победиме секоја од трите селекции во нашата група, вели селекторот Тодоров, кој одреди 15 кошаркари за мечевите со Естонија и со Русија идната недела, во квалификациите за пласман на ЕП 2021

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија, предводена од новиот селектор Александар Тодоров, денеска ќе го има првиот собир, а утре со првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (12 ч.) и официјално ќе ги почне мини-подготовките во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП). Првиот меч е со Естонија (дома) на 20 февруари, а три дена подоцна со Русија (на гости). Мечот со прволигашот Гостивар ќе биде единствениот тест на црвено-жолтите во овој подготвителен период, в недела (20 ч.), во СЦ „Борис Трајковски“, и ќе биде затворен за јавноста.
Тодоров го објави и скратениот список од 15 кошаркари, на кои ќе смета во овие февруарски дуели. Во него има шест интернационалци, пет кошаркари се од МЗТ Скопје, двајца од Работнички и еден од Еуро Никел.

– Оптимист сум дека ќе обезбедиме пласман на ЕП 2021. Тој пласман, пак, едноставно ќе претставува враќање на старите патеки на македонската кошарка, а успех на оваа млада генерација кошаркари со можност да избори нов четиригодишен циклус за ЕП. Избраниот состав моментно е најоптималниот за мене, здравствениот биланс е поволен. Естонија не е единствената шанса за пласман на Македонија. Напротив, можеме да ја победиме секоја од трите селекции во нашата група, односно и Италија и Русија – вели Тодоров.

Македонија е во групата Б, од која ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, како и Италија, која е еден од четирите домаќини на континенталниот шампионат. ЕП 2021 ќе се игра во четири земји, во Чешка, Италија, Грузија и во Германија.

Македонија, која беше четврта на ЕП 2011, последен пат настапи на ЕП 2015, каде што го освои 19-то место. Потоа не се пласира на првенството во 2017 година, оттогаш играше претквалификации за СП 2019, а од ноември 2017 година, пак, ја почна мисијата враќање во квалификациите за ЕП. По осум одиграни натпревари во два претквалификациски циклуса, на кои беа запишани шест победи и два пораза, сениорите го постигнаа планираното, успешно минувајќи го првиот (со Естонија и со Косово) и вториот претквалификациски дел (против Словачка и против Швајцарија), и се пласираа во квалификациите за ЕП 2021.


Русите без играчи од Химки и од Зенит, но со кошаркари од ЦСКА

Тројца играчи од првичниот список на кошаркарската селекција на Русија (двајца од Химки и еден од Зенит, клубови што се дел од Евролигата), нема да му бидат на располагање на селекторот Сергеј Базаревич за двата квалификациски дуела за пласман на ЕП 2021. Најголем хендикеп за Базаревич, секако, е отсуството на моментно најдобриот руски кошаркар Алексеј Швед. Покрај него нема да настапат Вјачеслав Зајцев и Дмитриј Квостов, кои се носители на играта во Химки, односно на Зенит, два клуба што во овој период имаат обврски во Евролигата. Базаревич додаде три нови играчи, бекот Иван Стребков и крилата Павел Антипов и Антон Астапкович, сите од Нижни Новгород. На списокот остануваат кошаркарите од ЦСКА иако и тие имаат настапи во Евролигата. Базаревич се реши за следниве кошаркари: бекови: Евгениј Бабурин, Максим Григорјев, Денис Захаров, Дмитри Кулагин, Михаил Кулагин, Григориј Мотовилов, Андреј Сопин, Виталиј Фридзон, Иван Стребков. Крила: Семен Антонов, Никита Балашов, Евгениј Валиев, Андреј Воронцевич, Андреј Зубков, Станислав Иљницки, Сергеј Карашев, Никита Михајловски, Владислав Трушкин, Павел Антипов, Антон Астапкович. Центри: Џоел Боломбој, Артем Забелин, Владимир Ивљев, Артем Клименко.


РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
БЕКОВИ
Ненад Димитријевиќ Хувентуд, Шпанија
Виктор Ефремовски Работнички
Андреј Јакимовски РМ Баскет Торино, Италија
Андреј Магдевски МЗТ Скопје
Кристијан Николов МЗТ Скопје
Војдан Стојановски Гравелин, Франција
Дамјан Стојановски МЗТ Скопје
Марко Симоновски
КРИЛА И ЦЕНТРИ
Филип Бакоч Еуро Никел
Шејн Витингтон Бетис, Шпанија
Стојан Ѓуроски Евре, Франција
Бојан Крстевски МЗТ Скопје
Андреј Маслинко МЗТ Скопје
Марко Миловановиќ Јуви Кремона Баскет, Италија
Љубомир Младеновски Работнички