Кошаркарите на Македонија ја добија клучната битка во претквалификациите за Евробаскетот 2021 година. Избраниците на Јорданчо Давитков по пауза од две години одиграа домашен натпревар надвор од Скопје, но тоа не им пречеше со сигурна, атрактивна и допадлива кошарка во салата „26 април“ во Гевгелија да ја совладаат селекцијата на Косово со убедливи 78-68 (39-35).

Со оваа победа Македонија ги собра потребните два бода за да остане на лидерската позиција на табелата во групата Б и е премногу близу до пласман во следната фаза во борбата за местата кои водат на континенталниот собир. До крајот има уште еден меч, против Романија, кој дури и да се загуби, поразот не треба да биде со повисока разлика од 14 поени.