Подготовките ќе ги почнеме денеска, како што и предвидовме, и тие ќе траат во следните 14 дена. Во почетокот, се разбира, нема да бидеме комплетни, бидејќи МЗТ Скопје треба да одигра еден натпревар, а ќе ни недостигаат и интернационалците. Од идната недела очекувам полека да се комплетираме. Во овој циклус квалификации поради повреди не ќе можам да сметам ниту на Витингтон, ниту на Џордан, ниту на Хендрикс, вели селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, пред денешниот собир на репрезентацијата (20 ч.) во СЦ „Јане Сандански“, во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година.

Првата рунда од претквалификациите за ЕП црвено-жолтите ја поминаа како првопласирани во групата, пред Швајцарија и пред Словачка, забележувајќи три победи и еден пораз. Сега, пак, следува втората фаза (група Б), во која ривали ќе ѝ бидат селекциите на Косово (13 септември на гости) и на Романија (на 16 септември дома).

– Сега е најважно да ги одработиме тренинзите, двапати на ден. Противниците ни се познати, но проблемот не е кај нив, туку сѐ ќе зависи од нас, оти ако немаме повредени играчи и што поподготвени ги дочекаме натпреварите, тогаш не би требало да имаме проблеми – рече Давитков.

Во август лани, во претквалификациите за СП 2019, Македонија двапати играше со Косово, во Приштина загуби со 68-72, а во Скопје победи со 87-74. Патот до ЕП 2021 е долг (победниците од четирите групи ќе се пласираат во квалификациите, другите ќе играат уште едни претквалификации), но кошаркарите од денеска ќе почнат полека да го трасираат за да се вратат, таму каде што им е и местото (Македонија до 2015 година врза четири настапи на ЕП во низа, со најголемиот успех, 4. место во 2011 година).

Повикани кошаркари: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Адем Мекиќ, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Ненад Димитријевиќ, Димитар Караџовски, Стојан Ѓуроски, Предраг Пајиќ, Бојан Трајковски, Марко Симоновски, Кирил Николовски, Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко.