Кошарската репрезентација на Македонија беше поразена од фаворизираната Италија со 84-92 во квалификацискиот меч за Европското првенство во руски Перм, иако имаше предност од 64-63 по три одиграни четвртини.

Ненад Димитријевиќ постигна 24 поени за Македонија од кои 19 во првото полувреме, Џејкоб Вајли даде 17, Војдан Стојановски 15, а двоцифрен поентерски учинок имаше и Бојан Трајковски кој уфрли 11 поени. Кај Италија предничеше Амедео Теситори со 18 поени.

Македонија останува на последната позиција во групата Б со три порази во исто толку мечеви, додека Италија има максимални четири победи од четири средби. Во истата група Русија има две победи и ист број на порази, додека Естонија оствари учинок 1-2 по три одиграни средби.

Црвено-жолтите в петок ќе се сретнат со домаќинот Русија, в недела повторно со Италија, а в понеделник со Естонија. Италија како домаќин на завршниот турнир веќе се пласира на ЕП, а учество ќе обезбедат уште две селекции од групата Б.