КОШАРКА

Светската кошаркарска федерација (ФИБА) го објави и официјалниот распоред на натпреварите во квалификациите за Европското првенство (ЕП) за жени, кое треба да се одржи во 2023-та, во Израел и во Словенија. Македонската репрезентација во овие квалификации е во групата А и во првото коло ќе се сретне со Германија (во групата се и Белгија и БиХ).

Македонските девојки ќе почнат со настапи на 11 ноември, во првиот од трите планирани „прозорци“, против Германија на гости, а три дена подоцна, црвено-жолтите ќе ја пречекаат БиХ. Вториот „прозорец“ е во ноември 2022 година, кога Македонија треба да игра со Белгија на гости (24 ноември) и дома со Германија (27 ноември). Последниот квалификациски „прозорец“ е во февруари 2023 година, кога се мечевите со БиХ на 9 февруари на гости и со Белгија на домашен терен три дена подоцна.

Квалификациите ќе се играат во 10 натпреварувачки групи. Првопласираните 10, плус уште четири селекции што ќе имаат најдобар резултат меѓу второпласираните, ќе обезбедат пласман на ЕП. Доколку во тие 14 се најдат и селекциите на домаќините, листата ќе биде проширена за една или за две селекции, во зависност од пласманот на репрезентациите организатори на ЕП.