Овој прв позитивен потег, секако, ќе нема понатамошни резултати ако се остане само на ова. Затоа е потребно да се создаваат и млади квалитетни тренерски кадри, кои, пак, мошне трпеливо ќе работат со младите талентирани кошаркари во своите клубови, вели Луковски, стручен советник во КФМ

Еден од потребните чекори за напредок на македонската кошарка е направен, сега се на ред клубовите. Намалувањето на странските, а зголемувањето на домашните играчи во македонското првенство секако дека е прогресивен чекор и е за поздравување. Ова го истакнувам уште од лани и добро е што собранието на Македонската кошаркарска федерација го изгласа, вели Јанко Луковски, стручен советник во КФМ.
Неодамна членовите на Собранието на Македонската кошаркарска федерација (КФМ) се изјаснија за промена на членот од Регистрацискиот правилник на МКФ со кој се дефинира бројот на странски играчи во машката сениорска конкуренција (Прва лига-мажи). Ова значи дека новото правило ќе почне да се применува веднаш, а делумно ќе се менува во следните три сезони.

Во новата сезона во една екипа за еден меч максимално може да има четворица странци, а за време на натпреварите да играат најмалку тројца Македонци во секое време на средбата. Тоа ќе биде задолжително само во првиот дел, а во Суперлигата и во плејофот обврската е тимот да игра најмалку со двајца македонски кошаркари во текот на целиот меч. Во сезоната 2019/2020 ќе се игра најмалку со тројца македонски кошаркари на терен до плејофот, а од сезоната 2020/2021 тоа правило ќе биде задолжително во текот на целата сезона. Досега Регистрацискиот правилник дозволуваше пријавување и настап на најмногу шест странски играчи во составот на еден натпревар, а притоа на теренот да нема помалку од два домашни играчи.

– Овој прв позитивен потег, секако, ќе нема понатамошни резултати ако остане само на ова. Затоа е потребно да се создаваат и млади квалитетни тренерски кадри, кои, пак, мошне трпеливо ќе работат со младите талентирани кошаркари во своите клубови. Во клубовите се создаваат играчите, а во репрезентацијата тие само се надградуваат. За ова мора да има согласност во сите клубови, а и самата држава ќе треба да помогне – смета Луковски, легендарниот кошаркарски играч и тренер.
Toj смета дека новите одлуки нема да бидат пречка за нивнo спроведување, ниту ќе наидат на тешкотии на паркетот при нивнoта реализација.
– Намалувањето на странските играчи нема и не треба да биде некаква пречка. Можеби е потребно време додека сето тоа влезе во колосек. Во секој случај, мора да се истрае во оваа одлука, иако во почетокот можеби ќе има и одредени уценувања – смета Луковски. 


„За четири години конкурентна репрезентација, за осум први конкретни резултати“

За Јанко Луковски, кој е еден од најдобрите тренери во младинските категории, правилото за настап на најмалку тројца македонски кошаркари во текот на мечевите во Првата лига ќе донесе и поизрамнето домашно првенство.
– Играњето на повеќе домашни кошаркари, од своја страна, пак, ќе донесе подинамично и понеизвесно национално првенство, а и салите ќе бидат поисполнети. Вредноста на кошаркарите во почетокот нема да биде висока, што е и разбирливо, но со текот на времето таа ќе се зголемува. Ако сѐ оди според планот, односно се работи квалитетно пред сѐ во клубовите, очекувам за четири години конкурентна македонска репрезентација, бидејќи ќе има од каде да се селектираат репрезентативци, додека за осум години и првите конкретни резултати. Можеби ова требаше да се почне уште порано, а овие претквалификации за ЕП 2021, кои моментно се играат, едноставно да ги жртвувавме за иднината – вели Луковски.