Прво е потребно да се направат измени во самиот систем на домашното натпреварување, второ, да се сменат стручниот пристап и работата со младите талентирани играчи, односно да почнеме да создаваме сопствени кошаркари и трето, што помалку странци да има во домашните екипи. Со други зборови, стратегија „четири – плус четири години“ мора да има. Првите три години од таа стратегија ќе бидат тешки, но затоа подоцна младите ќе напредуваат многу побрзо, во спротивно, додека седат на клупа, ќе немаат шанси. Ако работите останат како сега, тогаш не гледам перспектива. Но сега е време да се создаде еден здрав систем на работа, вели македонската кошаркарска легенда Јанко Луковски

ПО НАСТАПОТ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022

Македонската спортска јавност ќе почека за да ги види своите кошаркари на нивниот шести настап на европските првенства. Естонија беше последната пречка за пласман на ЕП, поразот од девет поени во Скопје очигледно се покажа како решавачки во вториот меѓусебен дуел, кој го доби Македонија со два поена разлика. Македонија во овие квалификации заврши последна во групата, со осум бода (со две победи и четири порази), колку што имаше и Естонија, но со послаба кош-разлика во меѓусебниот дуел. Италија и Русија како фаворити освоија по 10 бода (по четири победи и два пораза). Победата над Италија, која е велесила во кошарката и со голема традиција зад себе, е за поздравување иако не настапија во најсилниот состав, како и триумфот над Естонија во Перм.

СТРАТЕГИЈА

– Неуспехот во европските квалификации, секако, е последица на целокупната состојба на кошарката во Македонија. Не можеме да составиме квалитетна репрезентација ако во домашната кошарка има по четворица странци во екипа. Многу млади играчи не добиваат доволно можност за афирмација и за развој, така што и јас не очекував нешто ново во овие квалификации. Македонија малку покажа, имаше малку добри страни. На ова укажував и пред почетокот на овие квалификации но… Мора да се менува стратегијата за развој на македонската кошарка. Прво е потребно да се направат измени во самиот систем на домашното натпреварување, второ, да се сменат стручниот пристап и работата со младите талентирани играчи, односно да почнеме да создаваме сопствени кошаркари и трето, што помалку странци да има во домашните екипи. Со други зборови, стратегија „четири – плус четири години“ мора да има, а јас сум подготвен во секое време да помогнам без притоа да барам некоја посебна функција, едноставно за доброто на македонската кошарка, а и добро ја познавам. А за да се има напредок, потребно е да се направи еден стратегиски елаборат на работа, кој потоа ќе ѝ биде презентиран на Агенцијата за млади и спорт, и за неговата реализација да се преземе одговорност. Ако работите останат како сега, тогаш не гледам перспектива. Можеме ние колку сакаме да зборуваме во глобала позитивно, сепак се потребни повеќе живост и енергија во репрезентацијата. Тоа и порано сум го нагласувал, ама ништо не се случи. Но сега е време да се преземе одговорност и храброст за понатаму, да се создаде еден здрав систем на работа, кој, пак, ќе промени многу сегашни односи во кошарката – вели македонската кошаркарска легенда Јанко Луковски.

МАКЕДОНИЈА ИМА ТАЛЕНТИРАНИ КОШАРКАРИ

Луковски вели дека Македонија има талентирани кошаркари.
– Но не добиваат можност да се усовршуваат понатаму. Од младите играчи единствено Димитријевиќ отскокнува. Значи не колку странски играчи ќе се купат, туку колку ќе создадеме ние самите. Првите три години од таа стратегија ќе бидат тешки, но затоа подоцна младите ќе напредуваат многу побрзо, во спротивно, додека седат на клупа, ќе немаат шанси. Важно е како младите играчи тренираат и се развиваат на теренот, но за тоа се потребни храброст и амбиција од сите релевантни фактори – вели Луковски.

СТРУЧНА РАБОТА

Другиот дел од медалот е стручната работа, што е, исто така, многу значајно.
– Јас сум тука во македонската кошарка веќе четири години и добро ги знам состојбите. Не треба да заборавиме дека токму тренерите ги создаваат играчите, кои се и најодговорни во нивниот напредок. Сега тренерите не ги интересира тоа многу, клубовите си купуваат странци и си играат, но затоа нашите таленти пропаѓаат. Затоа и репрезентацијата трпи – вели Луковски, кој денес живее и работи како кошаркарски тренер во Србија.

[email protected]