НБА-лигата и Националната асоцијација на кошаркари објавија дека склучија договор за правилата за претстојната сезона, поставувајќи ја сцената за новата сезона што треба да почне на 22 декември, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Екипите ќе играат по 72 натпревари во регуларниот дел од сезоната, наместо вообичаените 82.
За НБА-шампионот Лос Анџелес лејкерс и за финалистот Мајами хит, тоа ќе биде најкратката пауза меѓу сезоните во историјата на НБА, со седум недели од крајот на НБА-финалето и планираниот почеток на тренинг-камповите на 1 декември.
Но за осумте екипи што не играа во „меурот“ на Флорида летово, тоа беше маратонска пауза, бидејќи Атланта, Чикаго, Кливленд, Шарлот, Голден стејт, Минесота, Њујорк и Детроит не играа натпревари од втората недела на март.
Паузата во НБА-лигата поради пандемијата на коронавирусот почна на 11 март, а потоа од јули 22 од вкупно 30 екипи играа во Орландо во продолжението на сезоната, која заврши на 12 октомври, со решавачкиот меч во финалето.