Финалистите за влез ќе бидат објавени на 14 февруари, за време на олстар-викендот во НБА-лигата, а новите членови на „Куќата на славните“ ќе бидат познати во април

Кошаркарската „Куќа на славните“ во Спрингфилд (САД), традиционално пред крајот на годината, го објави списокот на кандидати за 2020 година. Меѓу кандидатите се и многу поранешни познати НБА-ѕвезди, како што се Коби Брајант, Крис Вебер, Тим Данкан, Шон Мерион, Кевин Гарнет, Чонси Билапс, Маркус Кемби, Бен Валас, Крис Бош, Рик Аделман, Руди Томјановиќ, а меѓу кошаркарките се Беки Хемон, сегашната помошничка на Грег Поповиќ во Сан Антонио, потоа Свин Кеш и Тамика Качингс.

Финалистите за влез ќе бидат објавени на 14 февруари, за време на олстар-викендот во НБА-лигата во Чикаго, а новите членови на „Куќата на славните“ ќе бидат познати во април за време на фајналфорот во НЦАА во Атланта. Официјалниот прием е закажан за 29 август.

Од поранешните југословенски простори на листата кандидати се српскиот тренер Ранко Жеравица (починат во 2015 година), Хрватите Тони Кукоч (третпат номиниран) и Јосип Ѓерѓа, кој настапуваше за Задар и за поранешна СФР Југославија.

Од овие простори прагот на „Куќата на славните“ го поминале Владе Дивац (избран годинава), Дражен Петровиќ, Дино Раѓа, Дражен Далипагиќ, Крешимир Ќосиќ, а од тренерите Александар Николиќ, Мирко Новосел, додека за придонес кон кошарката и Борислав Станковиќ.