Во кошаркарската Евролига (не и во натпреварите на ФИБА) одново ќе има потфрлање топка пред почетокот на секој период од играта, како што во ватерполото има пливачка трка за посед на топката, а во хокејот борба за плочката

Потфрлање топка на центарот на почетокот на секоја четвртина од натпреварот е една од измените на правилата во кошаркарската Евролига за идната сезона. Тоа правило постоеше во минатото, а до сезоната што заврши неодамна имаше потфрлање само пред првата четвртина, а потоа наизменичен посед на топката на почетоците на другите делови од играта или по одредени ситуации во текот на играта.
Од другите екипни спортови ист принцип на одредување посед на топката на почетокот на секој период од играта има во ватерполото, со допливување на двајца ватерполисти од гол-линијата до топката на средината на базенот пред почетокот на секоја четвртина од мечот.

Слично е и во хокејот на мраз, каде што на почетокот на секоја третина двајца хокеари се борат за плочката на средината на теренот. Такво потфрлање на плочката на центарот има и по секој постигнат гол, а пред головите и по секој прекин на играта. Во фудбалот и во ракометот секој тим има посед на топката на почетокот на едно полувреме, во одбојката се менува тимот што прв сервира на почеток на секој сет итн.
Другите измени во Евролигата се за одредување нов цел напад или од 14 секунди за тимот кога судиите ќе ја прекинат играта поради корекција на часовникот, техничките грешки повеќе нема да се сметаат во вкупниот број лични грешки на екипата, а една екипа ќе добие цел напад ако при првото потфрлање на топката противнички играч го прекрши тоа правило.

Според информациите, овие измени ќе важат само за Евролигата, а не и за натпреварувањата под ингеренции на Светската кошаркарска федерација (ФИБА).
– Влијанието на промените на правилата ќе бидат анализирани и податоците ќе се споделат со ФИБА за поддршка во подобрувањето на глобалните правила на играта – пишува на интернет-страницата на Евролигата.

Евролигата ги одреди сите 18 учесници за идната сезона, со доделување покана за Зенит. Така, во следната сезона за европската титула ќе играат Алба, Анадолу Ефес, Армани, Црвена звезда, ЦСКА Москва, Барселона, Баерн, Фенербахче, Кимки, Басконија, Асвел, Макаби Тел Авив, Олимпијакос, Панатинаикос, Реал Мадрид, Валенсија, Жалгирис и Зенит. Вкупно ќе настапат девет клуба што досега биле европски прваци – Реал Мадрид (10 титули), ЦСКА Москва (осум, актуелен првак), Макаби Тел Авив (шест), Панатинаикос (шест), Олимпијакос (три), Армани (три), Барселона (две), Фенербахче (една) и Жалгирис (една).