Фото: Игор Бансколиев

Славниот кошаркарски бек од НБА-лигата, Французинот Тони Паркер, минатата година замина во играчка пензија, но тој и понатаму е присутен во спортот. Некогашната ѕвезда и четирикратен првак со Сан Антонио (настапил и на шест олстар-натпревари), денес е сопственик и претседател на кошаркарскиот клуб Асвел од Лион (деветнаесеткратен првак на Франција), а според пишувањето на францускиот дневен спортски весник „Л`екип“, се очекува тој наскоро да стане претседател и на фудбалскиот клуб Лион (седумкратен првак на Франција, во низа од 2002 до 2008 година).

На чело на Лион веќе 33 години е францускиот бизнисмен Жан Мишел Ола, кој бил подготвен да му го препушти местото на Паркер, со кого повеќе години успешно соработува. Паркер е роден во Белгија, а израснал во Франција. Во својата кошаркарска кариера, покрај четирите шампионски НБА-прстени (2003, 2005, 2007 и 2014 година), има и злато со репрезентацијата на Франција на Европското првенство во 2013 година, во Словенија (каде што беше прогласен и за најкорисен играч), како и едно сребро (2011 година) и две бронзи (2005 и 2015 година).