Фото: КФМ

Кошаркарската репрезентација на Македонија со цврста игра во одбраната убедливо ја совлада Словачка со 69-47 во вечерашниот меч во Скопје, и стигна до првата победа на претквалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година.

Црвено-жолтите водеа во текот на целиот меч, а на противникот му дозволија да постигне само пет поени во последната четвртина.

Бојан Трајковски беше најефикасен на мечот со 16 поени, додека Адем Мекиќ и Џејкоб Вајли забележаа по 12 поени, а Бојан Крстевски и Кристијан Николов уфрлија по 10 коша.

Македонија, Швајцарија и Словачка имаат по една победа и еден пораз во досегашниот тек од турнирот на кој преостанатите средби ќе се играат од понеделник до среда. Првите две репрезентации од групата ќе се пласираат во квалификациите за СП 2023. Избраниците на селекторот Драган Бајиќ задутре ќе се сретнат со Швајцарија.