Избраниците на селекторот Давитков го навестија тоа откако во Гевгелија ја впишаа и третата победа во втората претквалификациска фаза за ЕП 2021, овој пат против Косово со 78-68

Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација е на добар пат да ја отвори влезната врата за влез во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година и да се врати таму каде што впрочем ѝ е местото – во семејството на најквалитетните европски селекции. Така македонската репрезентативна кошарка би излегла од постојниот амбис во кој падна по неуспехот во квалификациите за ЕП 2017 и подоцнежните квалификации за СП 2019.

Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков го навестија тоа откако во Гевгелија ја впишаа и третата победа во втората претквалификациска фаза за ЕП 2021, овој пат во дуелот со Косово со 78-68 (29-16, 10-19, 22-12, 17-21). Во градбата на овој триумф поени впишаа Бојан Трајковски (23), Шејн Витингтон (15), Војдан Стојановски (14), Дамјан Стојановски (10), Стојан Ѓуроски (7), Андреј Магдевски (6) и Марко Симоновски (3). За останување на челната позиција и пласман во квалификациите на црвено-жолтите во последниот меч од групата против Романија на гости (21 февруари) им одговара сѐ освен пораз поголем од 14 поени. Во Скопје Романците беа убедливо совладани со 90-76.

– Имаме три победи, но работата уште не е завршена. Нема да калкулираме со кош-количникот, одиме на победа и во последното коло во Романија. Против Косово почнавме одлично, па влеговме во серија избрзани шутеви, но во вториот дел се консолидиравме. Обично не издвојувам поединци, но би го истакнал настапот на Магдевски, кој одигра одлично во одбраната, а имаше и добри потези во нападот, како и Витингтон, кој беше многу подобар отколку на неговото деби против Швајцарија – вели селекторот Јорданчо Давитков.

На успехот на сениорите се надоврзуваат и помладите репрезентативни категории, кои годинава беа мошне активни, како дел на три европски првенства во три различни возрасни категории. Проектот „Заедно до М16“ очигледно даде видливи резултати, па кадетите се пласираа во дивизијата А. По повеќе од 10 години ова се најдобрите резултати во младинските селекции.